Израел го бомбардира седиштето на Хамас
17 ноември 2012На почетокот на четвртиот ден од израелските воздушни напади, погодено е седиштето на лидерите на Хамас. Сведоци велат дека зградата е многу оштетена. Во неа вчера Ханија го прими египетскиот премиер Хишам Кандил.
По мирната ноќ, рано изутринава, Газа ја потресоа неколку големи експлозии.
Покрај врз зградата на Хамас, израелските авиони стрелале и врз трафостаници и мрежата на тунели која се користи за шверцување оружје во Газа.
Израел вчера ги блокираше трите главни рути кои водат во Газа, 16 илјади резервисти се веќе мобилизирани, а има овластување за мобилизација на уште 75.000. Израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак побарал вчера од Владата да одобри мобилизација на 75 илјади резервисти за потребите на израелските операции во Појасот Газа, изјавија израелски претставници.
Според аналитичарите, преземањето на овој чекор покажува дека Израел се подготвува за евентуална копнена офанзива во Појасот Газа.
Според палестинските медиуми, во последните четири дена во Појасот Газа загинале најмалку 30 Палестинци и над 300 се повредени.
Само денеска се извршени 180 воздушни удари, а од почетокот на кампањата изведени се повеќе од 800, додека од Газа кон Израел истрелани се над 500 ракети.
Во меѓувреме генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун ги повика денеска Израел и палестинското движење Хамас, кое го контролира Појасот Газа, да ја спречат опасната ескалација на тензиите во регионот со цел да се избегнат натамошните крвопролевања во Израел и во палестинските територии.
„Ракетните напади се неприфатливи и треба веднаш да престанат“, изјави портпаролот на Бан Ки-мун, Мартин Несирки, пренесувајќи го ставот на генералниот секретар на ОН.
Бан смета дека Израел треба да пројави максимална воздржаност.
Несирки додаде дека генералниот секретар планира наскоро да го посети регионот.
Според дипломати од ОН тој планира следната недела да ги посети Израел и Египет.
Американскиот претседател Барак Обама преку телефонски контакт со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и египетскиот претседател Мохамед Мурси повторно побара деескалација на кризата во Газа. Египетскиот премиер Кандил вчера искажа подготвеност неговата земја да посредува во постигнување примирје во Газа.
И покрај оружените престрелки, денеска утрото во Газа, каде владее радикално исламскиот Хамас, пристигна тунискиот министер за надворешни работи за да ја демонстрира солидарноста на арапскиот свет.