1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел ги интензивира нападите

Е.М.Фиданоска /дпа/ард/дв2 август 2014

Во потрагата по војникот Голдин, кој најверојатно е заробен од страна на екстремистите во Појасот Газа, израелската армија ја прошири својата офанзива. Милитантните Палестинци и денеска ракетираат израелска територија.

https://p.dw.com/p/1Cnmy
Фотографија: Getty Images/Afp/Jack Guez

Со поддршка на тенкови и авијација, израелските трупи навлегуваат подлабоко на југот на Појасот Газа. Во текот на ноќта се водеа борби во околината на Рафах. По исчезнувањето на израелскиот војник, за кого Израел се сомнева дека е во рацете на милитантни Палестинци, офанзивата на армијата е засилена. Според наводи на палестински спасувачки екипи, од вчерашната (1.08) вест за наводното киднапирање на војникот, досега во борбите загинале околу 100 лица.

Израелската министерка за правда Ципи Ливни го обвини Хамас за исчезнувањето на 23-годишниот поручник Хадар Голдин, кого го снема по нападот врз неговата единица во близина на Рафах. Хамас „ќе плати за тоа“, ги пренесува израелскиот портал „Вала“ зборовите на Ливни.

Исчезнатиот војник е мртов?

Во меѓувреме, вооруженот крило на Хамас, бригадите Еседин ал-Касам, соопшти дека нема информации за судбината на израелскиот војник. „Загубивме контакт со една од нашите борбени единици кои се борат во околината во која исчезнал војникот“, соопштија бригадите. Можно е, како што се вели, исчезнатиот војник да загинал, исто како и борците на Хамас во тој регион.

Израел тврди дека киднапирањето на Голдин се случило час и половина по почетокот на примирјето кое требаше да трае 72 часа. Прекинот на огнот беше издејствуван со посредство на ОН и на САД. По веста за исчезнувањето на војникот Израел соопшти дека примирјето е неуспешно, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави остри контрамерки.

Инаку, денеска продолжува и гранатирањето од страна на милитантните Палестинци. Според израелски наводи, утринава се пресретнати две ракети над Тел Авив и една над градот Бершева. Вчера милитантните Палестинци испукаа околу 40 ракети од Појасот Газа врз израелска територија.

Gaza Israel Krieg Angriff 1. August
Жители на Хан Јунис по вчерашниот израелски нападФотографија: Reuters

Палестинска делегација во Каиро

И покрај неуспехот на прекинот на огнот, Палестинците најавија дека ќе испратат своја делегација на преговорите за примирје во Египет. Главниот преговарач на Палестинците, Саеб Ерекат за Си-Ен-Ен изјави дека делегацијата денеска ќе потпатува за Каиро и апелираше до Израел исто така да испрати своја делегација, затоа што е итно неопходна деескалација на конфликтот. Првично беше планирано преговорите за траен прекин на огнот во Египет да почнат вчера. Египет се обидува да посредува во конфликтот.