Висока економска цена на кризата во Појасот Газа
17 јули 2014Кризата досега само воениот буџет го оптовари со околу една милијарда шекели, или 200 милиони евра, а армијата овие пари, како што претпоставува Еитан Авриел од економскиот магазин „Маркер“, ќе ги бара од владата. Кон ова доаѓаат давачки за итна помош и поддршка на луѓето во јужниот дел од земјата. На пример, родителите добиваат отштета за неплатените работни денови во кои мора да останат дома за да се грижат за малолетните деца, зашто, поради ракетните напади, речиси сите летни кампови околу Појасот Газа се затворени. На 15 секунди предупредување пред ракетен напад, невозможно е во засолниште да се одведат поголеми групи деца.
Помала потрошувачка, помалку туристи
„Владата веќе стави на располагање околу 400 милиони шекели за поддршка на населбите во близина на Појасот Газа“, вели Еитан. Но, најголема загуба доаѓа од падот на брутоопштествениот производ. Потрошувачката практично се преполови, во јужниот дел речиси целосно падна. „Во Ашдод, Ашкелон и Сдерот потрошувачката се намали за 60 до 70 проценти. Во областите околу Тел Авив има пад од околу една третина. Во јавниот превоз има намалување од 20 проценти“, набројува новинарот од израелската телевизија.
Посебно погодена е туристичката бранша, објаснува Јоси Фател од Здружението на туристички претпријатија. Зашто, летото е всушност ударна сезона, која обично донесува до 40 проценти од годишните приходи:
„Соочени сме со целосно запирање на резервациите и многу сторнирања. Преку тоа настануваат загуби кои можеме да ги споредиме со оние од времето на Либанската војна во 2006 година“.
Затоа, претставниците на туризмот се обратија кај владата со барање да помогне во посредувањето на вработувањето на луѓето од оваа бранша и социјалните планови.
Законот за заштита на потрошувачите како проблем
Работниците од кои сега, поради кризата, нема потреба, по можност треба да не бидат отпуштени, туку да бидат вклучени во програми за прешколување и обука. За таа цел работодавачите бараат поддршка од владата. „Би помогнале и разлабавувања во областа на заштитата на потрошувачите, кај плаќањето отштета поради доцнењата или сторнирањето на авионските летови. Ние бараме сега овој закон да биде ставен вон сила“.
И конечно, туристичката бранша бара владата да стави на располагање алтернативен аеродром. Меѓународниот аеродром Бен Хурион кај Тел Авив е во визирот на Хамас и веќе беше напаѓан, вели Фател. Во ваков случај, летовите се пренасочувани во Јордан или Ларнака на Кипар. Наместо тоа, владата треба да го стави на располагање слабо искористениот аеродром Негев Увда 60 километри северно од Еилат.
На крајот плаќаат обичните луѓе
Досегашните загуби предизвикани од офанзивата во Појасот Газа во прва линија одат на грбот на трговијата и средниот слој. Но, крајно, целата национална економија страда поради сломот на потрошувачката, истакнува економистот.
„Кога се погодени трговците, тие плаќаат помалку данок, а со тоа опаѓаат државните приходи од данок“. Фател со загриженост гледа и на преговорите за буџетот за идната година, кои наскоро почнуваат:
„Тогаш министерството за одбрана, кое и онака бара 5 милијарди шекели,односно 1,8 милијарди евра повеќе, ќе ги зголеми побарувањата, сигурно ќе ги удвои“.
Зголемените расходи при намалени приходи, пак, ќе водат кон кратење на социјалната помош, убеден е Авриел. Значи, цената на војната во Израел ќе ја платат обичните луѓе.