Измамникот Шапина осуден на пет години затвор
15 април 2014Судот во западниот германски град Бохум беше принуден по вторпат да го отвори процесот против Анте Шапина, откако неговите адвокати се жалеа на пресудата од пет години и шест месеци затвор донесена во мај 2011. година. Шапина беше обвинет дека предводел криминална мрежа која манипулирала со резултатите на фудбалски натпревари ширум Европа.
Шапина, кој е хрватски државјанин со постојано живеалиште во Берлин, беше меѓу шестмината обвинети за лажирање. Тој и еден од неговите соучесници признаа дека подмитувале играчи, судии и фудбалски функционери, со цел да ги лажираат исходите од мечевите. Шапина призна дека секој од нив заработил по околу 2,3 милиони евра, во најголем дел преку обложување во големи азиски обложувалници. Севкупно, според сознанијата на истрагата, биле манипулирани преку 50 натпревари, меѓу нив и мечеви од Лигата на Шампионите како и од квалификациите за Светското првенство.
Судијата во Бохум соопшти дека одлучил да му ја намали казната на Шапина затоа што тој соработувал со истражните органи и го признал делото. Но, притоа тој потсети дека Шапина со последниот случај го повторил делото за кое веќе беше осуден на две години и 11 месеци затвор во 2005. година, кога беше откриено дека бил подмитен фудбалскиот судија Роберт Хојцер.