Двобојот започна
22 ноември 2016Првите партиски митинзи јасно ги отцртаа котите на кои ќе се води изборната битка. Oпозициските партии и коалиции (од левицата, центарот и десницата), без исклучок се фокусираа на борбата против енормниот криминал на власта, враќањето на демократијата, слободата, правната држава и на парите украдени од граѓаните. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ заврти многу вербални кругови за да ја фрли во ендек темата за кражби на изборните резултати, на државниот буџет, државните ресурси и на киднапирањето на државата. Како и во многу случаи кога била затекната „со рацете во медот“, повторно реши да посегне по стариот и проверен рецепт - да ја брани државата од внатрешниот и надворешниот непријател. Во тој дух, овие избори ги прогласи за „референдумско изјаснување за зачувување на унитарниот карактер на државата“, за чие уривање го обвини политичкиот опонент.
Одбраната започна - со музика! И два пати беше изведена една иста песна, веројатно заради стиховите („...кој душман ќе влезе, жив нема да излезе, Македонијо, ти го ставаш в гроб“), наменети за народна мобилизација прoтив „жолтите комбиња“ засега присутни само во менталниот возен парк на засегнатите од истраги.
Патем, партијата која најави дека кампањата и овојпат традиционално ја почнува од центарот на духовноста - Балканскиот Ерусалим, Охрид, со ништо не ја поткрепи причината за изборот. Ни трошка духовност, па дури ни лажни пораки за обединување надвор од тој клиентелистички обезбеден кворум, кој партијата го демантира, но ги издаде „традиционалниот“ охридско-скопски ривалитет („скопјанишчава пак ја донесоа цела администрација, цел ден барат вакво кафе, онакво кафе...“).
А во духот на „традицијата“, и овојпат „најдуховните“ пораки беа испратени преку коалицискиот партнер, Амди Бајрам, приврзаник на „народниот“ дрес код (крзнена бунда по цена соодветна за реконструкција на десет картон - куќи во неговoто супстандардно Шуто Оризари), и типичен за прозен лик на провинциски велепоседник довлечкан од некоја сибирска тајга. Како и во претходните циклуси, повторно ја прифати срамната улога да биде скретничар на вербалната партиска канализација, нарекувајќи ги учесниците во „Шарената револуција“ наркомани и педофили, и најавувајќи „специјален кафез од три метри“ за Заев по изборите. До кое ниво е порасната потребата дури и од таква „одбрана“, сведочеа широките насмевки и воодушевување од Груевски и неговата прва постава. Најиндикативно беше однесувањето на министерката за култура (повторувам, за КУЛТУРА), која со љубопитен поглед следеше дали амдиевиот исцедок од вербални фекалии веома врло добро го расположува лидерот. Веројатно ѝ падна фасаден стиропор од срцето, кога изразот на лицето на Груевски ја увери дека дури и еден таков „културен“ перформанс е доволен за да ги крене самодовербата и расположението на водачот.
Одбраната на унитарноста продолжи и со говорот на „политичкот ветеран“ Љубисав Иванов -Ѕинго, во чие политичко си-ви како негова последна средба со висок странски државник сѐ уште е заведена онаа со Слободан Милошевиќ. Откако Милошевиќ го нема, замената за него ја најде на домашен терен, но и во големото одушевување од победата на Трамп.
Од сѐ што беше кажано од говорниците, од познатите тези во сите досегашни кастровски или мини-кастровски обраќања, пораката е дека овие избори се плебисцит. Но зад понудената метафизичка тема, всушност се очекува плебисцитарна битка за слободата на Груевски, неговата дружина и нивните пари, над кои во моментов лебдат дел неистражени индиции, дел основани сомненија и докази, но и први обвиненија.
Поради овие причини, Коалицијата за правда и промени ѝ порача на власта дека нејзината натамошна алчност ќе биде алиментирана единствено во „бизнис центар во Идризово“ каде ќе можат да печалат во следните дваесет години. Случајно или не, Коалицијата сподели и информација дека „на 12-ти декември братучетите, кумовите и баџанаците планираат да бегаат од Македонија, таму каде што им е капиталот - Белизе, Девствени острови, Молдавија, Естонија, Монако, Аљаска...“, со порака - каде и да бегаат, ќе бидат вратени за одговараат за сите злодела што ги направиле.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, засега стравува дека опонентот ќе избега, но - од дуел. Од Прилеп, „симболот на почеток на борбата во 1941 година, и нов симбол за почеток на ослободувањето од десетгодишното криминално и автократско владеење на ВМРО-ДПМНЕ“, Заев го повика Груевски да се соочат на јавна сцена. Неговиот минат труд го опиша во една реченица: „Груевски не е ништо, освен криминалец“.
Најчесто употребените епитети за власта беа „криминалци, мафијаши, бандити...“, „режим кој изврши државен удар во Македонија, остави разорени институции, обесправени граѓани, иселени генерации, многу солзи...“
Во првичните коментари на аналитичарите за пораките од опозицијата доминира ставот дека нештата конечно мора да се наречат со вистинските зборови. Но, таков став доминира и кај аналитичари кои висококалорично ја потхрануваат владејачката приказна за „предавници и шпиони“, што навестува дека на терен секоја вечер ќе се соочуваат две поделени Македонии, вербално уште пожестоко, без ракавици, без ставови во политичко-коректни обланди, без пардон. Сето тоа, партските програми на овие избори ги прави сосема неважни. Главната програмска определба се концентрира на една точка: битка „за“ или „против“ власта. Дел од гласачите не разбираат што значи буџетски дефицит или зошто е потребна буџетска консолидација, но ги разбираат зборовите кражба, измама, сиромаштија... Тие мали, обични и секојдневни зборови, се арсеналот кој е наменет да сведочи за „големината на делата“, преку кои, наместо развој е спроведена сеопшта девастацијата на Македонија. Затоа, кога владејачката партија порачува „делата ќе судат за нас“, навистина не греши. И тоа ќе важи за сите.