1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

150809 Wahllokale Afghanistan

18 август 2009

И покрај терористичките напади во кабулскиот дипломатски кварт, претседателските избори во Авганистан ќе се одржат според планираното. Националните и меѓународните сили ќе направат се`за изборите да се одржат.

https://p.dw.com/p/JCsA
Фотографија: DW

Подготовките за изборите се логистички предизвик. Регистрирани се седумнаесет милиони луѓе со право на глас. „Независната изборна комисија“ задолжена за спроведување на изборите мора да снабди 29.000 избирачки места со избирчаки ливчиња, мастило за отпечатоци од прстите со што ќе се маркира избирачкото ливче и со други неопходни материјали. Притоа, меѓу другото, за транспорт на материјалите се употребени и три илјади магариња.

Четири безбедносни појаси

Со оглед на опасноста од терористички напади, за обезбедување на избирачките места ќе има тесна соработка меѓу локалните сили и меѓународните заштитни трупи ИСАФ. Змараи Башари, портпарол на министерството за внатрешни работи, вели: „Во нашиот безбедносен план имаме предвидено четири безбедносни појаси. Во првиот, непосредно околу избирачките центри, се стационирани силите на националната полиција. Во вториот појас, за безбедноста ќе се грижи националната армија на земјата. Во третиот безбедносен појас оперираат меѓународните заштитни сили, а во четвртиот појас ќе бидат активни меѓународните воздухопловни сили.“

Anschlag in Afghanistan
И покрај нападите - изборите ќе се одржатФотографија: AP

Захер Азими, портпарол на министерството за одбрана, освен тоа, смета дека ќе соработува и населението: „Ниту една армија и ниедни безбедносни сили не можат да гарантираат безбедност без поддршка на населението.“

Сега се главни „локалците“

За разлика од претседателските избори пред пет години, овојпат во подготовките, спроведувањето и обезбедувањето на текот на изборите, главен збор имаат локалните сили. За обезбедување на мирниот тек на изборите се анагажирани 250.000 припадници на безбедносните сили ширум земјата. Освен тоа, ангажирани се и 150.000 цивилни помагачи.

Wahlen Afghanistan 2009
Соработката на локалното население е и тоа како важнаФотографија: Farahmand / DW

Но, не е „покриена“ цела територија на Авганистан. Во некои општини на југ и исток на земјата авганистанските и меѓународните безбедносни сили немаат пристап, вели авганистанскиот полицаец Фазлур Раман Ориа: „Според моја проценка, во нешто повеќе од половината од Авганистан нема безбедност, талибанските милиции прават проблеми и ќе се обидат да ги спречат изборите.“

На север - помирно

На север на земјата, каде оперира „Северната регионална команда“ под раководство на Бундесверот, ситуацијата, според проценките е помалку критична. Портпаролот на командата, Михаел Векбах, за Дојче веле изјави: „Во моментов, овде имаме 4.800 војници од четиринаесет држави, кои ќе ги обезбедуваат изборите заедно со авганистанските сили. Сметаме дека овде, на север, ќе има помали инциденти, но дека изборите нема да бидат спречени. “

Сведоци на изборите од непосредна близина ќе бидат стотици национални и меѓународни набљудувачи.

Автор: Саид-Муса Самими / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска