1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборен хаос во Авганистан

2 ноември 2009

Во Авганистан допатува генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, за да посредува по повлекувањето на Абдула Абдула од вториот круг на претседателските избори, на кои како кандидат остана шефот на државата, Хамид Карзаи.

https://p.dw.com/p/KLWv
Хамид Карзаи и Абдула Абдула

Стотици приврзеници на Абдула Абдула се собраа во голем шатор во Кабул, за да му дадат поддршка на својот кандидат, иако всушност, тој се повлече: „За Абдула ќе беше бесполезно да учествува на изборите, тие ќе беа фалсификувани како и во првиот круг“, вели негов поддржувач.

Од аспект на поранешниот авганистански министер, одлуката може да има смисла. Но, дали неговото повлекување истовремено не значи удар за демократскиот процес, е прашање. Во секој случај, Абдула го доведе својот ривал во незгодна ситуација: ако вториот круг избори не се одржи, врз Карзаи ќе остане дамката дека победил такаречи без борба, само со првиот круг избори, за кој се вели дека бил лажиран. Ако вториот круг од претседателските избори се одржи со Карзаи како единствен кандидат, тоа би било како некој виц - да настапи самиот против себеси.

Но, таборот на Карзаи очигледно е подготвен да се впушти во тоа: „Мораме да сочекаме што ќе решат надлежните инстанци, како треба да изгледа вториот круг од изборите. А појдовна точка е фактот што луѓето во Авганистан имаат право на избори. Повлекувањето на Абдула беше негова лична одлука, која не треба да влијае врз процесот“, вели Вахид Омар, шеф на изборниот штаб на Карзаи. Слично се изјасни и Изборната комисија.

Ризикување за избори кои не се тоа

Abdullah Abdullah aus Afghanistan Absage seiner Teilnahme an Stichwahl
Одлука со големи последици: Абдула АбдулаФотографија: AP

Меѓународната заедница, пак, како што се дознава од дипломатски кругови во Кабул, на ова гледа сосем поинаку: не би било исправно да се ставаат на коцка човечки животи за избори кои всушност не се тоа. Зашто, талибанците веќе најавија нова серија напади. Се шпекулира дека, сепак, е можен некаков политички договор меѓу двајцата ривали: „Во следните денови господин Карзаи треба да ги расчисти прво своите работи. Јас не затворам врата, таа останува отворена, но истовремено стојам зад принципите кои ги застапував во мојата кампања“, изјави Абдула.

Авганистанскиот устав нема решение за ваква ситуација. Затоа многумина мислат дека Врховниот суд треба да ги донесе потребните одлуки.

Автор: Кај Кистнер/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска