Избирачките места во Турција затворени, Ердоган е фаворит
10 август 2014Ден на одлука за Реџеп Таип Ердоган - граѓаните на Турција денеска првпат директно гласаа за претседател на земјата. Ердоган важи за јасен фаворит. Според анкетите, 60-годишниот премиер и лидер на исламско-конзервативната партија АКП може да се надева на апсолутно мнознство веќе на првиот круг од гласањето. Критичарите на Ердоган стравуваат дека во случај на негова победа, тој и натаму ќе ги проширува своите ингеренции и дека ќе продолжи со исламизација на земјата.
Првите резултати од гласањето се очекуваат вечерва. Заедничкиот кандидат на двете најголеми опозициони партии, ЦХП и МХП, Екмеледин Ихсаноглу, денеска (10.08) критикуваше дека „кампањата се водеше во неправедни и нееднакви услови“.
Опозицијата го обвинува Ердоган дека користел државни ресурси за изборната борба. Предмет на критика е и државната телевизија ТРТ, која на Ердоган, како што се тврди, му одвоила повеќе време на програмата отколку на неговите противници.
Во случај на победа на Ердоган се очекува поставување насоки за воведување претседателски систем во Турција, што ќе значи повеќе моќ и овластувања за претседателот. Ердоган како една од своите главни цели го наведе донесувањето нов Устав.
При гласањето денеска Ердоган зборуваше за една од најважните одлуки за турската демократија. Во текот на изборната борба тој на своите приврзаници им вети „нова Турција“. Ердоган е на премиерска функција од 2003 година. Според статутот на АКП тој не може да се кандидира по четврт пат за премиер.
Право на глас на претседателските избори во Турција имаат 53 милиони избирачи. За победа е потребно апсолутно мнозинство. Ако ниту еден од кандидатите не освои доволно гласови, втор круг избори ќе биде одржан на 24 август. Тогаш за претседателската функција ќе се натпреваруваат двајцата кандидати со најмногу освоени гласови во првиот изборен круг. Досега претседател на земјата се избираше во Парламентот.