1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Идејата за Германија во 2010-та – највисока цел на СПД

15 јануари 2005

Социјалдемократската фракција во Бундестагот на тематската средба, што се одржа во Лајпциг, главно расправаше за утврдување на тежиштата во работата во тековнава година. Но, не можеше да биде оставена настрана ни аферата со придружните занимања и дополнителни примања на пратениците.

https://p.dw.com/p/Acxm
Претседателот на СПД Франц Минтеферинг
Претседателот на СПД Франц МинтеферингФотографија: AP

На собирот не присуствуваше пратеникот Јан-Петер Јансен, кој во меѓувреме поднесе оставка, зашто, како и уште петмина други пратеници и сопартијци, примал паралелно плата и од производителот на автомобили Фолксваген. Од собирот постојано доаѓаа уверувања дека аферата со двојните плати воопшто не била голема тема – за неа се разговарало 10-ина минути и расположението не било поматено. Но, зад затворена врата се чини имало искри, па генералниот секретар Клаус-Уве Бенетер реагираше малку иритирано на новинарското прашање како да се внесе транспарентност во однос на придружните ангажмани на пратениците: “Ни јас исто така не знам...”

Франц Минтеферинг како шеф на партијата знаеше дека не ќе може да ја избегне темата, па самиот ја загатна: “Тука е и малата тема за придружните работни ангажмани. Не знам дали ќе саката да чуете уште нешто во однос на тоа”. Бидејќи, разбирливо, постоеше интересирање, Минтеферинг објави дека веќе во вторник треба да се одржи средба на сите фракции: “Не знам со каков резултат, ни дали сите фракции се подготвени да разговараат за тоа - дали и што треба да се смени во досегашната регулатива. Јас сметам дека правилата се‘ на се‘ се добри, но сметам и дека има потреба од дискусија и промени. Јас лично одам и подалеку и велам дека е потребно допрецизирање” – рече Минтеферинг. Тој сепак се декларира дека придружните платени ангажмани на пратениците се в ред, доколку бидат пријавени. Сега не би требало сите пратеници паушално да бидат осомничени, но едно, според него, е табу: “Тајно платено или неплатено лобирање не смее да има”. И, доколку се случи, мора да биде казнето – додаде претседателот на СПД.

Но, во Лајпциг имаше и содржински разговори – како прво, за тоа кои тежишта и цели би сакала да си ги постави партијата во оваа година. На пример, да победи на изборите за покраинските парламенти на Шлезвиг Холштајн и на Северна Рајна Вестфалија.

Но, највисоко место имаат долгорочните проекти – читај се’ што содржи огромниот реформски пакет на сојузната влада: реформата на пазарот на работна сила Харц 4, пакетот со проблемите на оквалификувањето, стопанскиот пораст, реформата на осигурувањето за случај на зависност од нега и она што во Лајпциг постојано беше истакнувано како идна тежишна тема –образованието и натамошното доусовршување.

Франц Минтеферинг се’ на се’ е задоволен од резултатите на собирот: “За мене најважно резиме од оваа тематска средба и од целава недела севкупно: идејата за Германија во 2010-та, Агендата 2010 е носечка идеја за она што треба политички да се направи. Ние нашата политика ја утврдуваме врз основа на поставувањето прашања: како треба да изгледа Германија во годината 2010-та? Кои се најважните цели и што мораме ние да сториме за да можеме да одиме по тој пат?”

Сега е важно дека СПД мора да се усогласи со малиот коалиционен партнер Зелените околу тој пат. Тоа не е секогаш лесно, но е и објасниво - зашто инаку би можеле веднаш да бидеме во иста партија, со смешка додава Франц Минтеферинг.