1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Идентитетот е став, а не дел од инвентарот

Фолкер Вагенер/превод:БГ8 јануари 2015

Оние кои по улиците протестираат против муслиманите, тврдат дека се чувствуваат загрозени. Тврдат дека се губи германскиот идентитет. Тоа е бесмислено. Идентитетот е став, а не дел од инвентарот, коментира Фолкер Вагенер

https://p.dw.com/p/1EGEa
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Се соочивме со времето на нацизмот, критички ја проследивме закотвеноста на Сојузна Република Германија на Западот и го анализиравме пропаѓањето на Источна Германија. Токму затоа што сме темелни. Ни недостасува соочување со времето по 1989 година. Имено, сега постои актуелен повод со тоа веднаш да се започне. Токму на 25. годишнината од падот на Берлинскиот ѕид, се препнуваме на Пегида. Протестно движење со јасни источногермански особености. Дрезден е неговата централа, ново место за аџилак на исфрустрираните луѓе. Но, и жежок костен за политиката.

Прво луѓето се собираа за да изразат протест против исламистите, потоа и целиот ислам стана предмет на негодување, а во меѓувреме на демонстрантите им стана важно суштинското прашање на секое општество: кои сме ние? Каков идентитет имаме ние Германците? Се‘ уште не ги слушнавме одговорите, но слушнавме што сѐ не сме, и што наводно му предизвикува штета на нашиот идентитет. Помалку муслимани, помалку азиланти, помалку бегалци, најдобро и воопшто да ги нема! Потребата за поголема хомогеност себеси си го отвора патот- поточно за повеќе германска хомогеност. Тоа мириса на етно-национализам и многу е опасно. А секако е грдо.

Источногерманското искуство од деведесетите

Приказната која се одвива зад солзите радосници од годината 1989. за источна Германија е приказна за стопанско пропаѓање во првите 10 или 15 години, приказна за социјална несигурност. Поинаку кажано, чувствата на активистите на движењето Пегида не се вкоренети во ГДР, туку во животното искуство од 90-те години. Тоа е деценија на колективна болест за многу граѓани од истокот на земјата. Тие ја добија својата слобода, но загубија нешто многу блиско. А оние кои притоа останаа без работа или се‘ уште примаат помали плати за истата работа во однос на своите колеги од западот на земјата, чезнеат за некаква поддршка. Тука има малку место за толеранција. Многу луѓе со источногермански биографии повеќе не можат да го препознаат своето родно место во однос на 1989. година. Тоа може да се разбере, но не може да се промени.

Deutsche Welle Volker Wagener Deutschland Chefredaktion REGIONEN
Фолкер ВагенерФотографија: DW

Ни западниот дел од земјата не е она што беше пред обединувањето. Ја нема повеќе германската марка, а речиси изумре и традиционалното германско рударство. Оној кој живее на села го доживува исчезнувањето на нему блискиот свет: ги нема веќе месарниците, аптеките, училиштата и поштата. Но, за тоа не се виновни нашите муслимани, ниту азилантите и бегалците. Светот стана глобален, побрз, поинаков. Па и Германија. Со тоа мораме да се соочиме.

Затоа е добро што, воглавно, на западот на земјата се формираше граѓански отпор против „германството“ на Пегида. Севкупно гледано, тој мобилизира повеќе луѓе отколку сите маршеви на Пегида заедно. Зад него стои искуство на антиатомското и мировното движење, искуство кое на истокот на земјата, во Росток или Дрезден се‘ уште не постои.

Јалови се и расправите за наводното губење на германскиот идентитет. Бидејќи хомогената национална држава е фикција. Реалноста е Германија како доселеничка земја. Тоа им одговора и на законите на пазарот и на волјата на доселениците. И добро е што е така. Се‘ останато спаѓа во социјална романтика. Неа себеси не можеме да си ја дозволиме, ни економски, ниту општествено. Особено не како Германци во центарот на Европа.