Иванов ќе му го врачи мандатот на Груевски
28 јуни 2011Со врачувањето на мандатото на досегашниот премиер Никола Груевски да формира нова влада почнуваат да течат дваесетте дена законски рок, во кој мандатарот Груевски треба да ја состави новата влада и да му ја предложи на Собранието, заедно со владината програма. Тоа значи дека составот на новата влада ќе се знае најдоцна до средината на јули. Досегашниот премиер Груевски го добива мандатот откако неговата партија освои најмногу гласови на последните парламентарни избори на 5. јуни. Дел од неговата влада ќе биде досегашниот коалициски партнер, Демократската унија за интеграција на Али Ахмети, партија што освои најмногу гласови од етничките Албанци.
Вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Абдулаќим Адеми, изјави дека е договорена заедничка владина платформа меѓу ДУИ и ВМРО–ДПМНЕ. „Во платформата ќе бидат сите теми и сите отворени прашања што досега не се затвориле и можеби ги нарушувале меѓусебните односи. Со затворање на сите теми ние сакаме на Македонија да и` обезбедиме европска иднина, како и економски развој. Ова е првпат во плурална Македонија, владината програма да биде заедничка и составена од изборните програми на двете партии-победнички на изборите“, изјави Адеми. Според него, се’ уште не се знаат имињата на новите министри.
Ермира Мехмети - Деваја од ДУИ, во саботата по изборот на претседател на Собранието, рече дека првичната поделба на позициите и ресорите во новата власт ќе биде 2:1.
На првата конститутивна седница, која се одржа во саботата, Собранието едногласно ги верификуваше мандатите на новите 123 пратеници во Законодавниот дом, а Трајко Вељаноски беше повторно избран за прв човек на оваа институција.
Автор: АТ/ТТ/макфакс/миа
Редактор: Трајче Тосев