1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов со Бан Ки-мун - Грција да не отстапува од рамката на ОН

ЖА/миа27 септември 2012

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов побарал од Бан Ки-мун на вчерашната средба во Њујорк идентитетските прашања да не бидат дел од разговорите кои се водат меѓу Грција и Македонија за името.

https://p.dw.com/p/16G8z
Фотографија: MIA

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун на средбата со Иванов информирал за разговорот што го водел со грчкиот премиер Андонис Самарас, за спорот меѓу Македонија и Грција за името и најавил дека и со други активности ќе поттикнува решавање на спорот.

„За време на неговата посета на Македонија тој вети дека лично ќе разговара со премиерот на Грција Самарас и на оваа средба тој ме информираше за содржината на неговиот разговор и за тоа што било договорено меѓу нив. Средбата која беше навистина содржајна беше можност и за взаемно информирање за актуелните настани и прашања поврзани со спорот што го имаме со Грција. Генералниот секретар вети дека повторно ќе разговара и со Нимиц, за да може да се интензивира оваа дебата која трае веќе 19 години. Ние како држава не можеме да чекаме уште 19 години, да се истоштуваме во еден ирационален спор кој е единствен во историјата на ОН“, изјави претседателот Иванов по средбата со Бан Ки-мун.

На средбата, Иванов потсетил дека конструктивноста на Македонија и добрата волја на македонските власти е потврдена и од највисокиот суд на Обединетите нации, Меѓународниот суд на правдата.

Иванов истакнал дека обврска на Република Грција е во иднина да ја почитува одлуката на Судoт, како и Времената спогодба потпишана меѓу двете страни.

Претседателот Иванов го информирал генералниот секретар дека Македонија е подготвена во секој момент да седне на масата за разговори со Грција и истото го очекува и од другата страна, суштински, а не само декларативно, информираат од македонската делегација по средбата.

Иванов на средбата побарал спорот да се води исклучително во рамки предвидени од резолуциите на Обединетите нации посветени на спорот, Времената спогодба и со почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Иванов особено го осуди проширувањето на спорот кон теми кои зафаќаат во слободното изразување на националниот идентитет, јазикот и културата.

„Од наша страна беше потенцирано дека е неопходно Грција да се придржува до рамката во која се водат овие разговори, односно да се почитуваат резолуциите на Обединетите нации, Времената спогодба и сега пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Секое отстапување од рамката доведува до бескрајно водење на овие разговори кои никогаш не можат да доведат до решение ако се навлегува во идентитетски прашања за кои никој на овој свет не разговара, или пак сака некој да му го оспори неговиот идентитет“, изјави Иванов.

Претседателот додаде дека прашањата од историјата се актуелни за историчарите, додека Македонија има обврска, преземена пред ОН, да разговара за разликата со Грција околу името.