1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов сака втор претседателски мандат

ЖА/миа25 февруари 2014

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска потврди дека ќе се кандидира за нов претседателски мандат. Тој ја прифати иницијативата што ја покренаа група интелектуалци.

https://p.dw.com/p/1BF4K
Фотографија: MIA

„Со чест и задоволство, имајќи ги предвид сите предизвици и перспективи со кои се соочуваме, со посветеност и одговорен пристап, со желба за постигнување натамошни успеси за нашата татковина кои ќе бидат од интерес за сите граѓани, сакам да изјавам дека донесов одлука да ја прифатам инцијативата за мое кандидирање за претседател на Република Македонија и дека ќе ја поднесам мојата кандидатура на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Иванов во обраќањето до јавноста во претседателката вила „Водно“.

Иницијативата беше потпишана од над 50-тина интелектуалци, доктори, академици, свештени лица од повеќе религиозни заедници и од спортисти. Иницијативата, меѓу другите, ја потпишале и вицепремиерот Зоран Ставрески, градоначалниците на Скопје Коце Трајановски, на Аеродром Ивица Коневски, на Прилеп Марјан Ристески, пратеникот Антонио Милошоски, доктор Весна Јаневска, директорот на УЈП Горан Трајковски, Ашим Зекировски, градоначалниците на Охрид Никола Бакрачески, на Кисела Вода Биљана Беличанец – Алексиќ и на Македонска Каменица Дарко Митевски и Владимир Неловски од УМС на ВМРО ДПМНЕ.

Потписниците од владејачката партија бараа претседателот Иванов да ја добие партиската поддршка на конвенцијата на партијата закажана за 1 март на која ќе биде избран претседателскиот кандидат за претстојните претседателски избори.

ВМРО-ДПМНЕ веќе го објави и списокот на сите делегати за претстојната Конвенција. Нивниот вкупен број, во согласност со одлуките на Извршниот и Централниот комитет на партијата, е 1.300. Рокот за пријавување кандидати за претседател е до среда до 20 часот.

Досега до партијата се пристигнати иницијативата за кандидирање на актуелниот претседател Ѓорге Иванов и кандидатурата од професорот Јове Кекеновски.