Иванов: Политичките случувања во Македонија најмногу и’ одат во прилог на Грција
24 февруари 2013Македонскиот претседателот Ѓорге Иванов во интервју за интернет порталот МКД.МК истакнува дека актуелните политички случувања во Македонија најмногу и’ одат во прилог на Грција, која со ова добива уште еден аргумент во блокирањето на македонската интеграција во ЕУ. Иванов во разговорот тврди дека неговиот ангажман во надминувањето на актуелните политички недоразбирања не бил сведен само на една лидерска средба и на предлогот за основање експертска комисија за настаните од 24 декември.
Претседателот открива дека имал уште најмалку една средба со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Бранко Црвенковски, и неколку телефонски разговори, кои за жал завршиле неуспешно. „По настаните на 24 декември јас два пати остварив заеднички средби со премиерот Груевски и господинот Црвенковски. Првата беше по моја лична иницијатива на 12 јануари. Ова сега првпат и’ го соопштувам на јавноста. Средбата траеше неколку часа и заврши без некој конкретен резултат, ниту пак приближување на нивните ставови и мислења за спомнатите настани. Во меѓувреме, остварив и неколку телефонски разговори со еврокомесарот Филе, поврзани со обврските од европската агенда на Република Македонија. Потоа следуваше посета на еврокомесарот и повторно седнав на заедничка маса со премиерот и со лидерот на СДСМ. Токму од тие средби произлезе и мојата иницијатива за формирање експертски тим, кој требаше да почне оттаму од каде што почнаа недоразбирањата – со расветлување на настаните на 24 декември и на тие што ним им претходеа. Во меѓувреме, остварив и неколку телефонски разговори со сите тројца. За натамошниот тек на настаните и донесените одлуки јавноста веќе е информирана“, изјави претседателот Иванов. Тој уште истакнува: „Крупните работи во политиката некогаш се случуваат зад сцената. Ако нема официјални најави за средби, тоа не значи дека тие и не се одржуваат. Целта е од тие средби да има резултат, успех, поместување и приближување на позициите“, вели претседателот Иванов.
„Сега е моментот да се покаже политичка зрелост и доблест“
„Да бидеме до крај објективни. Евентуалниот неуспех во јуни, односно недобивањето датум, евентуалното одземање на препораката од ЕК за добивање датум, може да се сметаат само како казна за граѓаните и за општеството. Тоа воопшто нема да помогне, зашто само дополнително ќе ја заостри политичката состојба со обвинувања и барање виновници за неуспехот. Токму затоа на сите средби и контакти порачувам да се има предвид и овој факт. Затоа и моите укажувања, на средбите со сите европски лидери, се дека процесот на проширување со земјите од Западен Балкан не смее да се перцепира како проблем на Европа, туку како дел од решенијата. Последните пораки од еврокомесарот Филе дека Република Македонија и Србија кон средината на годинава можат да ја започнат интеграцијата во Унијата, се охрабрувачки и позитивни. Сепак, факт е дека процесот во голем дел зависи од самите нас. Сега е моментот кога треба да се покаже политичка волја, зрелост и доблест за демократски, а не за девијантен начин на дејствување. Сега е моментот да се види кој на што му е посветен - дали на личниот, на партискиот или на државниот интерес“, изјави македонскиот претседател за интернет порталот МКД.МК