1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Новата година-нова надеж во спорот за името

1 јануари 2012

Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов изјави дека сите се полни со оптимизам за решавање на спорот за името оваа година, зашто Македонија ќе направи се‘ во таа насока, останува тоа да го направи и Грција.

https://p.dw.com/p/13cZp
Македонскиот претседател Ѓорге ИвановФотографија: DW

Шефот на македонската држава Иванов на прашањето дали очекува годинава да се реши проблемот со името со Грција, рече дека кога доаѓа Нова година сите се полни со оптимизам.

„Очекувам процесот за решавање на името да продолжи. Се‘ што е од наша страна ние ќе направиме. Очекуваме тоа да го направи и другата страна, меѓутоа за жал со нивните досегашни постапки не гледаме дека се посветени со исто внимание како нас“, рече претседателот Иванов.

Тој посочи дека Македонија во секој момент е подготвена да продолжат преговорите во ОН со посредство на амбасадорот Метју Нимиц. „Амбасадорот Зоран Јолевски е во тек со сите настани и не‘ информира за сето што се случува во пороцесот на преговори“, истакна Иванов.

На прашањето дали може да се очекува Македонија годинава официјално да стане членка на НАТО, шефот на државата одговори дека останува на НАТО да одлучи.

„Очекуваме пресудата во Хаг да влијае на одлуката за членство во Алијансата на Самитот на НАТО што годинава ќе се одржи во Чикаго, САД, но останува на НАТО да одлучи. Имаме одлука на Самит на НАТО и таа одлука може само нов самит да ја промени“, нагласи Иванов.

Тој денеска како врховен командант на оружените сили ги посети припадниците на АРМ во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец кои се на должност за новогодишните празници и со нив имаше заеднички ручек.

Со него беа и министерот за одбрана Фатмир Бесими и началникот на Генералштабот на АРМ, Горанчо Котески.

Автор: ЖА/ миа

Редактор: Александра Трајковска