1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Најавената средба кај Нимиц е позитивен чекор

СН/ЖА/миа17 ноември 2012

Македонскиот претседател денеска ја заврши посетата на Виена, каде оствари средба со претседателот на Советот на ЕУ, Херман ван Ромпој. Ѓорге Иванов порача дека е добро што се придвижува процесот за решение за името.

https://p.dw.com/p/16kxO
Фотографија: MIA

Поддршка за деблокада на македонските евроинтеграции, засилен ангажман и помош, побарал македонскиот претседател Ѓорге Иванов од претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпој, на синоќешната средба во Виена.

Како што јави новинската агенција МИА, претседателот Иванов денеска изјави дека на Ван Ромпoј му ги укажал очекувањата од декемврискиот Самит на Европскиот совет, за она што е препорака од Европската комисија конечно да биде ефектуирана и Македонија да добие датум за почеток на преговорите.

„Ван Ромпoј укажа дека од првиот ден додека е на оваа функција настојува Западен Балкан да добие своја шанса, да почне да се придвижува во евроинтеграциите“, истакна Иванов.

Западен Балкан, посочи тој, заслужува да биде дел од ЕУ.

Европската унија без Балканот не е Европа. Европската унија ќе може да каже дека е Европа кога и целиот Балкан ќе влезе во ЕУ, потенцира Иванов.

„Ван Ромпој укажа дека лично ќе се заложи за она што Македонија го заслужува и целиот регион, состојбата да се промени. Тоа е порака, меѓутоа ќе видиме кога ќе дојде Европскиот самит каков ќе биде одговорот. Важно е дека она што е од нас сме го оствариле и извештаите на Европската комисија тоа го укажуваат,“ додаде Иванов.

Matthew Nimetz Besprechung
Фотографија: MIA

Најавата за средба на Нимиц со Јолевски и Василакис е позитивен чекор

„Добро е што се придвижува процесот на преговори за спорот за името меѓу Македонија и Грција. Лично инсистирав и барав тој процес да почне да се динамизира“, истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Тој одговарајќи на новинарско прашање денеска во Виена, ја оцени како позитивен чекор најавата  за средба на  преговарачот Метју Нимиц со двајцата учесници во овој процес Зоран Јолевски и Адемантиос Василакис.

„Да видиме по состанокот кои идеи ќе бидат изнесени и кои се размислувањата на Нимиц во оваа ситуација. Ние како државен врв сме во координација и нашиот претставник Јолевски ги знае ставовите на државата. Се надеваме дека Василакис исто така ќе дојде со ставовите од грчката Влада и дека овој процес ќе почне да се придвижува. Секоја статус кво состојба не му одговара никому“, додаде претседателот Ѓорге Иванов.