1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Нашата политика била и ќе биде европска

АТ/ миа/ макфакс 18 декември 2012

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов во обраќањето пред пратениците истакна дека е разочаран од исходот на самитот на ЕУ. Во однос на спорот за името посочи дека Македонија посветено им пристапува на разговорите.

https://p.dw.com/p/174aD
Фотографија: MAKFAX

„Се плашам дека одлагањето на процесот за проширување за Република Македонија и за регионот не помага во остварување на определбите на основачите на обединета Европа. Жалам што не се успеа да се испрати вистинската порака. Порака која очигледно, некои не разбираат колку е важна за нас, за нашите граѓани, за нашите општества во регионот“, рече македонскиот претседател Ѓорге Иванов во обраќањето во Собранието на Република Македонија.

Претседателот истовремено им порача дека грешат на оние кои влијаеја на таквите заклучоци на Советот, а им заблагодари за храброста, лидерството и визијата на сите оние кои ја дадоа поддршката за Македонија.

„Наспроти сe’, не само што остануваме верни и определени на нашата темелна евроатлантска насоченост и интеграција, туку и ќе ги уважуваме препораките и ќе ги интензивираме напорите. Ќе соработуваме блиску со Европската комисија и ќе продолжиме со нашите внатрешни реформи. Нашата политика била и ќе биде европска политика“, истакна Иванов.

Иванов истовремено порача: „Да не се создава лажна претстава за состојбата со добрососедските односи. Реалната слика е дека македонското општество нема никаков проблем со ниедно соседно општество. Низ каква искривена призма треба да гледаме за во оваа реална соработка да видиме отсуство или недостиг на добрососедски односи? Земјите од нашиот регион едноставно не можат да си дозволат минатото да продолжи да им ја краде сегашноста и иднината“, рече шефот на државата пред пратениците.

Тој посочи дека Република Македонија ќе продолжи со политиката на отвореност кон сите, политика која помага да ги прошируваме хоризонтите на севкупна, а посебно економската соработка со светот.

Иванов нема никогаш да дозволи да се посегне по македонскиот идентитет

Во поглед на разговорите за прашањето за името, посочи дека како и досега, искрено и посветено им се пристапува. „До заемно прифатливо решение може да се дојде доколку не сме соочени со ултимативни барања на штета на нашите национални интереси и идентитет. Секој човек има чувство на припадност и треба да биде слободен тоа да го изрази. ’Човековото достоинство е неповредливо. Мора да биде почитувано и заштитувано’. Ова стои во првиот член на Повелбата на основните права на Европската унија. ’Сите луѓе се родени слободни и еднакви во достоинство и права’, се вели во првиот член на Универзалната декларација за човекови права“, рече Иванов.

Тој истакна дека секогаш реагирал и ќе продолжи да реагира, кога се посегнува, подвлече, по кој било аспект од македонскиот идентитет, затоа што идентитетот спаѓа во оние базични категории за кои не може да правите компромис со никого. „Барам најодлучно да се почитува рамката во која се водат разговорите, а на кои се однесуваат Резолуциите на Обединетите нации, на Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата“, беше дециден Иванов.

На најодговорните за процесот, генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун и медијаторот Метју Нимиц, Иванов им укажувал да внимаваат процесот да не излегува од рамката. „Оценуваме дека секое неадекватно решение може многу неповолно да се одрази на целиот регион“, укажа македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Апел да се најде решение за буџетот

Коментирајќи го актуелниот политички момент и дебатата поврзана со носењето на државниот Буџет, Иванов порача да се најде начин за итен излез од ситуацијата. Порача – не може целото општество да биде заложник на неодговорно однесување.

„Апелирам да се најде начин за итен излез од оваа ситуација. Граѓаните го очекуваат тоа од вас. Не може целото општество, со сите свои потреби, да биде заложник на неодговорно однесување. Ако се случи, заради неодговорно политичко однесување, Македонија да трпи економска штета, со кој образ утре ќе излезете да ја барате довербата на граѓаните? Кога станува збор за интересите на граѓаните и за непречено функционирање на држвата, тогаш нема простор и за парцијални интереси“, рече Иванов.

Во врска со претстојните локални избори, претседателот Иванов апелираше да бидат на ниво на највисоките деморкатски стандарди и ниво. Тој смета дека е потребно Собранието и сите други субјекти вклучени во овој процес, како што се невладините организации, медиумите и верските заедници да ги обезбедат сите неопходни услови.