Иванов: Мораме да бидеме кај што се другите граѓани на Европа
5 мај 2012Планинари со марш ќе ги однесат знамињата на врвот на Водно, што симболично, според македонскиот претседател, укажува што ја очекува земјата на патот кон Европа, кој Македонија треба да го помине за да биде дел од европското семејство.
„Се надеваме дека еден ден и нашето знаме ќе биде заедно со сите знамиња на европското семејство и нашите граѓани ќе ги уживаат сите придобивки што ги имаат и европските“, истакна Иванов, изразувајќи надеж дека манифестацијата ќе ги поттикне сите да размислуваат дека „мора да се качуваме кон врвот и да бидеме кај што се другите граѓани на Европа“.
Евроамбасадорот Орав изрази надеж дека со овој симболичен настан ќе се покаже оти Македонија наскоро ќе се придружи на европското семејство.
Планинарскиот марш, кој денеска тргна од пред канцеларијата на ЕУ во Скопје, е во организација на Европското движење на Република Македонија и Делегацијата на Европската унија. Тој е дел од низата културни, спортски и образовни манифестации во Скопје и низ други градови во Македонија со кои се одбележува Денот на Европа - 9 мај.