1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Македонија ја брани Европа од ЕУ

Б. Георгиевски/афп/миа4 март 2016

Остриот настап на Иванов на конференцијата на ОБСЕ во Рим го предизвика вниманието на светските агенции. Иванов ги обвини ЕУ и ОБСЕ дека се виновни за кризата

https://p.dw.com/p/1I7S2
Фотографија: MIA

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов ги предупреди лидерите на ЕУ дека мораат повеќе да ѝ помогнат на неговата земја во справувањето со мигрантската криза за која исто така мораат да ја преземат и вината.

Агенцијата Франс Прес јавува дека Иванов искажал „жестоко обвинение за неуспехот на ЕУ да ја предвиди кризата или да одговори адекватно на неа“. Македонија се соочува со неподнослив притисок поради леснотијата со која барателите на азил и другите мигранти успеваат да пристигнат во Грција од Турција.

„Состојбата веќе не се менува од ден на ден, туку од час во час“, порача Иванов на конференцијата на ОБСЕ во Рим.

„Европа денеска има повеќе ѕидови отколку за време на Студената војна“.

Наведувајќи ги зачестените обиди за насилно влегување во Македонија, употребата на фалсификувани пасоши и документи на ФРОНТЕКС, како и насилството врз безбедносните сили на граничната линија, Иванов оцени дека со тоа се доведува во прашање не само националната безбедност, туку и регионалната стабилност.

„Парадоксот е што сето тоа се случува од територија на држава која е дел од Шенген-зоната. На некој начин, доведени сме во ситуација Македонија да ја брани Европа од Европската Унија“.

Иванов го критикуваше и ОБСЕ, оценувајќи дека и оваа организација не успеала да ја антиципира кризата, исмејувајќи ја нејзината улога како пан-европско безбедносно тело.

„Каде е ОБСЕ? Нејзините механизми за рано предупредување не го видоа доаѓањето на кризата. Значи ли тоа дека треба да си го избрише зборот безбедност од своето име?“

„Истото важи и за ЕУ- таа е одлична во времиња на мир и просперитет, но не во однос на безбедноста“.

„ЕУ ги избриша внатрешните граници, без да ги утврди и обезбеди надворешните и сега секоја земја членка треба да ги преземе надлежностите кои ЕУ не успеа да ги спроведе“, рече Иванов.

ЕУ вети стотици милиони евра помош за Грција за бегалската криза. Многу помали суми се предвидени за помалите земји кои не се членки на ЕУ, како Македонија.

„Европа е силна колку нејзината најслаба алка, а тоа е денеска Грција“.

„Целата ЕУ е силна колку што е македонската безбедност. Затоа и на Грција и на Македонија треба да им се помогне“. Иванов притоа сугерираше дека бегалците и мигрантите од Грција треба авионски да се префрлат на друго место.

„За да се избегне криза, неопходно е што поскоро територијата на Грција да се испразни од мигранти и од бегалци, но не преку Балканската рута, туку со воздушни коридори“, порача македонскиот претседател во Рим.