1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Македонија во 2012 година влегува сигурна во себе

30 декември 2011

Иако патот кон стратешките цели - членството во НАТО и ЕУ остана блокиран за Македонија, нема место за обесхрабрување, смета претседателот Ѓорге Иванов. Земјата во новата 2012 година влегува сигурна во себе.

https://p.dw.com/p/13bzx
Претседателот на Македонија Ѓорге ИвановФотографија: DW

„Македонија и во 2011 година успешно се соочи со разни предизвици. Имавме многу причини за радување. Напредувавме на економски план. Поминавме низ уште еден изборен циклус, кој го збогати нашето искуство како развиена европска демократија. Ги потврдивме оценките на нашиот развој. Сепак патот кон нашите врвни стратешки цели остана блокиран. Но, нема место за обесхрабрување. Ќе успееме, ќе ги реализираме нашите цели, Македонија - членка на НАТО и Македонија членка на ЕУ“, истакнува македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Новогодишното обраќање.

„Нашиот пат кон воспоставување на призната, рамноправна држава, никогаш не бил лесен“, вели Иванов и дополнува: „Соочувањето со тешкотиите не направи поцврсти и порешителни. Ние ја немавме таа привилегија да чекориме по лесниот пат, туку моравме сами да се пробиваме, секако, благодарение на мудроста на нашите граѓани и на скапоцената помош на нашите пријатели низ светот“, стои во пораката.

Mazedonischer Präsident Gorge Ivanov und US Vize-Außemninister James Steinberg
Фотографија: Macedonian Information Agency

Желби за успешна 2012 до сите граѓани

Претседателот во своето обраќање подвлекува: „Македонија во новата 2012 година влегува сигурна во себе. Свесни сме дека се потврди нашето одговорно и сериозно однесување. Потребните потврди ги добивме од надвор, но уште поважно од дома. Македонија останува цврсто всадена во реалноста, во сериозниот однос кон својата економија, кон односите со соседите, кон регионалната безбедност“, се вели во обраќањето.

Претседателот Иванов на сите граѓани им посака успех на личен и професионален план. „Да зачекорите по патот кој ќе ви донесе многу здравје, многу радост, многу среќа и благосостојба. Благословена нека биде Новата 2012 година!“, стои меѓу другото во честитката од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Автор: АТ/ СН/ миа

Редактор: Симе Недевски