1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов и Фрчкоски повторно меѓу граѓаните

24 март 2009

Кандидатите за претседател, Ѓорѓе Иванов и Љубомир Фрчкоски, ја продолжуваат изборната кампања. Иванов е подготвен за компромис со Грција. Фрчкоски ја обвинува власта дека нема политичка волја за решение на проблемите.

https://p.dw.com/p/HIku
Ѓорѓе Иванов и Љубомир ФрчкоскиФотографија: picture-alliance/ dpa

Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓи Иванов ја започна предизборната кампања за вториот изборен круг од општината Аеродром во Скопје. Оттаму тој замина за Тетово каде се реши за неколку симболични потези: најпрвин запали свеќа во Соборниот храм на МПЦ во градот и се помоли токму пред иконата на светецот „Свети Ѓорѓи Победоносец“.

Иванов изјави дека кампањата за вториот круг ја започнува симболично. Посетата на Тетово и западниот дел на Македонија има за цел да ја заокружи повторно Македонија.„Ние сме со народот, едноставно, за да ја искажеме благодарноста за се` она што беше во првиот круг и за сите позитивни оценки кои ги добија изборите во Македонија од сите релевантни фактори„. Иванов додаде оти се надева дека во тој дух ќе продолжи и вториот круг на изборите со што ќе заврши патешествието на земјата кон Европа и НАТО.

Подготвеност за телевизиски дуел

Präsidentschaftskandidat Geogi Ivanov in Mazedonien
Од предизборните настапи на ИвановФотографија: AP

Иванов не очекува апстиненција на бирачите во вториот круг и се надева дека ќе добие поддршка од сите граѓани. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ истовремено изрази подготвеност за телевизиски дуел со кандидатот од СДСМ, Љубомир Фрчкоски.На прашањето на Дојче Веле дали доколку биде избран за претседател на Македонија ќе ја задржи тврдата позиција против промена на уставното име на земјата тој нагласи: „Можен е компромис, кој нема да биде на штета на интересите на Македонија као држава. Ние сме во фаза на преговори, тие траат и како претседател, ако бидам избран, ќе го поттикнам тој процес – ние да бидеме конструктивни и да придонесеме кон заедничко решение, од кое ќе бидат задоволени двете страни.“

Фрчкоски во директни контакти со граѓаните

Frckoski Kandidat Wahl in Mazedonien
Фрчкоски продолжува со директни контакти со граѓанитеФотографија: DW/ PETR STOJANOVSKI

Претседателскиот кандидат на СДСМ, Љубомир Фрчкоски, најави дека изборната кампања ќе ја продолжи преку директни контакти со граѓаните. На прес-конференција во Скопје, тој ја обвини власта дека нема политичка волја да ги реши проблемите во државата. Фрчкоски предупреди дека нркој треба да ги погледне сликите на стечајците, фармерите и излажаните пензионери. Една од можностите за да им се помогне на овие луѓе, според Фрчкоски е преку пренасочување на 55 милиони евра што владата ги користи за реклами. Но, буџетот е празен, констатира Фрчкоски.

Тој уште еднаш нагласи дека про НАТО и про ЕУ опцијата добила јасна поддршка од 550 илјади гласови, наспроти владиниот кандидат. Фрчкоски смета дека може да се работи на една принципиелна коалиција која ќе биде одговорна за влез на земјата во НАТО во текот на годинава, што според него е реално.

Свето Тоевски, агенции

Редактор: Костадин Делимитов