Иванов и Груевски: правдата ќе ги стигне убијците
15 април 2012„Овие денови не можеме, а да не си спомнеме за убиството на петтемина и да сочувствуваме со нивните семејства и со нивните блиски. Очекуваме тие што го сториле тоа да бидат пронајдени и да бидат казнети“, изјави македонскиот претседател Иванов по свечената литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ по повод Велигден.
Премиерот Груевски им испрати сочуство на семејствата на убиените петтемина во трагичниот настан кој се случи во четвртокот.
„Овој настан сите нас не’ погоди. Не’ погоди до срж, меѓутоа мораме да останеме исправени, да продолжиме да се справуваме со предизвиците. Сакам да испратам порака и до сторителите на овој настан, дека кога тогаш правдата ќе ги стигне и казната ќе ги стигне - и од законот и од Бога, ако воопшто разбираат што значи тоа“, рече премиерот Груевски.