1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов и Вељаноски со сочувство до семејствата на жртвите во хеликоптерската несреќа

АМ/миа/дв12 јули 2014

Претседателот Ѓорге Иванов упати писма со сочувство до семејствата на загинатите припадници на МВР во хеликоптерската несреќа кај Струмица. Сочувство изрази и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

https://p.dw.com/p/1CbiP
Mazedonien - Präsident Gorge Ivanov
Фотографија: MIA

„Со чувство на голема болка и длабока тага ја примив веста за трагичната хеликоптерска несреќа кај Струмица во која животот го загуби вашиот сакан сопруг и татко. Во овој тежок миг за Вашето семејство и за цела Македонија примете ги изразите на моето најискрено и најдлабоко сочувство“, стои во писмата што претседателот Иванов ги упати до семејствата на загинатите припадници на хеликоптерската единица на МВР.

Писма со сочувство до семејствата на загинатите упати и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

„Почитувани, дозволете од свое лично име и од името на пратениците на Собранието на Република Македонија во овие мигови на голема тага да ви упатам најдлабоко сочувство за загубата и трагичното загинување на Драги Мицев, Марјан Трајковиќ, Тоде Орешков, Иљо Лопатички. Во овие тажни мигови со сите вас ја споделуваме болката од нивното прерано заминување“, вели Вељаноски во писмата.

„Трагичната несреќа и заминувањето на врвни професионалци, ценети и почитувани пријатели и колеги“, истакнува претседателот на Македонското собрание, „е голема загуба пред се’ за семејствата и блиските, но и огромна загуба за Република Македонија“.

Хеликоптерската несреќа се случи во четвртокот (10.07.) вечерта во Струмица. Причините за несреќата сe' уште се утврдуваат, а леталото било редовно сервисирано. Жртвите се пилоти со повеќедецениско искуство. Според првичните информации, за време на ноќниот лет хеликоптерот, со кој сe‘ уште не е познато кој управувал, удрил во антенски столб на Македонска радио дифузија висок 120 метри. Како што информираше министерката Гордана Јанкулоска, хеликоптерот „МИ 17“ е произведен во 2008 година и се користел за спасувачки акции на МВР.

Веќе е формирана Комисија за спроведување истрага за причините за несреќата. Пронајдени се двете црни кутии и уредот за покажување на правецот на летот, кои ќе бидат подложни на вештачење.