Иванов за „Катимерини“: Хашката пресуда не може да се игнорира
8 април 2012Македонскиот претседател Ѓорге Иванов смета дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг не може да биде игнорирана од никого, ниту од Грција, ниту пак од Алијансата како организација. Иванов во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ истакнува дека на мајскиот самит во Чикаго, прв по хашката пресуда, треба да дојде до промена на заклучокот во однос на Македонија од самитот во Букурешт во 2008 година.
„Противправното дејство кое беше констатирано од МСП не се случи во некоја меѓународна невладина организација или асоцијација, па да биде игнорирано. Напротив, имаме заклучок од еден самит, самитот во Букурешт, кој е неодржлив во новонастанатата ситуација, кој треба да биде променет со заклучок на друг самит, самитот во Чикаго. Не смее да се избегнува почитување на договорите, пресудата, меѓународното право, со повикување на консензус. Како би изгледал денешниот поредок ако договорите не се почитуваат“, вели претседателот Иванов.
„Пресудата од Хаг - сериозен поттик за компромис“
Оценувајќи ја како исклучително значајна, тој очекува дека пресудата ќе му олесни на грчкото лидерство да ја промени перцепцијата и политиката кон Македонија на одговорен начин.
„Правниот дел е јасен. Се надевам и верувам дека грчките политичари ќе увидат дека со непочитување на договорот потпишан од страна на актуелниот претседател Каролос Папуљас се прави голема штета на угледот на државата и нејзината позиција како меѓународен партнер од доверба“, вели Иванов.
Прашан за евентуални следни чекори на македонските власти, како на пример жалба пред Советот за безбедност на Обединетите Нации, Иванов со став:
„Повеќе сакам да верувам дека до решение можеме да дојдеме. Ние сме одговорен член на меѓународната заедница и одговорно пристапуваме кон обврските. Таква обврска имаме со Резолуциите на ОН и со Времената спогодба и ние ги почитуваме. Јас верувам дека до заемно прифатливо, достоинствено решение за двете страни, може да се дојде. Едноставно потребна е политичка волја, и стриктно придржување до рамките во кои се водат разговорите, резолуциите на ОН и Времената спогодба. Ако разговорите ја надминуваат рамката, нормално е дека до решение ќе биде тешко да дојдеме. Пресудата од Хаг исто така дава еден сериозен поттик за да се бара и најде компромис. Таа претставува еден вид рамка на идното однесување на двете страни“, вели претседателот Иванов.
„Ирационална грчка позиција“
Прашан за евентуална формула за решение што би ги задоволила позициите на Македонија, Иванов вели:
„Македонија останува на ставот дека името на земјата не може да се гледа како закана или проблем меѓу двете земји и дека грчката позиција во овој поглед е за жал ирационална. Мој став е дека рамката за она за што разговараме и за што треба да најдеме достоинствен компромис, е повеќе од јасна. Едноставно мора да се придржуваме до неа, секое излегување надвор од неа го оптоварува процесот и нe‘ оддалечува од решение. Дефинитивно, излегувањето од рамката е позицијата на Грција во поглед на опсегот на примена на името. Додека релевантните резолуции на ОН и Времената спогодба бараат Македонија и Грција да разговараат за заедничко прифатливо име кое ќе се употребува во меѓународните организации, Грција бараше решението да се користи за сите околности, билатерално, па дури и внатрешно во Република Македонија, што излегува надвор од границите на ова прашање, и со тоа изнаоѓањето на решение е невозможно“. , вели претседателот Иванов во интервју за грчки „Катимерини“.