1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Грција не ја почитува Привремената спогодба

25 септември 2010

Македонија се‘ уште чека пред вратите на ЕУ и НАТО поради активностите на Грција, спротивни со Привремената спогодба, истакна македонскиот претседател Ѓорге Иванов во обраќањето на 65-то Генерално заседание на ОН.

https://p.dw.com/p/PMbM
Ѓорге ИвановФотографија: Petr Stojanovski

Иванов изјави дека сака да потсети дека пред 15 години, токму тука во Њујорк, беше потпишана Привремената спогодба на Македонија со нејзиниот јужен сосед. Тогаш Грција се обврза да не го попречува членството на Македонија во меѓународни и регионални организации и нејзината интеграција.

„И покрај тоа, морам да го споменам фактот дека мојата земја се‘ уште чека пред вратите на овие две организации поради чекорите на нашиот јужен сосед, што се во спротивност со обврските превземени со привремената спогодба од 1995 година“, рече Иванов.

Informelles EU-Außenministertreffen in Stockholm
Грција го кочи напредокот на Македонија кон ЕУ и НАТО, потенцира ИвановФотографија: DW

Македонија е посветена на наоѓање решение за името

Иванов нагласи дека земјата е посветена кон изнаоѓање на заедничко прифатливо решение на проблемот со името во рамки на ОН.

„Засегнати се нашето име, правото на самоидентификација и човековиот дигнитет. Правиме се‘ што е во наша моќ да негуваме блиски и пријателски односи со соседна Грција, со нејзиниот народ. Решение може да биде најдено само во рамки на Обединетите Нации, резолуцијата, меѓународното право и принципи, на кои почива меѓународното право“, истакна македонскиот претседател.

Според него, изнаоѓањето на решение за името ќе биде голем чекор како за Македонија, така и за исполнување на заедничките визии на целиот регион.

Иванов посочи дека сите капацитети на државата се насочени кон исполнување на стратешките цели - прием во НАТО и Европската унија и оти македонските граѓани заслужуваат да ги почувствуваат бенефициите од приемот во овие организации.

Во обраќањето на Генералното заседание на ОН, тој потсети дека во четвртокот се сретнал со грчкиот премиер Јоргос Папандреу и оти средбата била во насока на градење на меѓусебна доверба и разбирање.

Автор: ЖА/ГЧ/миа

Редактор: Горан Чутаноски