1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Грција да се откаже од максималистичките позиции

15 јануари 2012

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов на приемот на дипломатскиот кор одржан синоќа во Битола: Во 2012-та година очекуваме Грција да го поддржува нашето интегрирање во евроатлантските структури.

https://p.dw.com/p/13jtq
Македонскиот претседател очекува поместување на статус-кво состојбата во евроинтеграциитеФотографија: Petr Stojanovski

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов синоќа во Битола приреди прием за дипломатскиот кор во државата, првпат надвор од главниот град и најави нова практика поврзана со традиционалниот новогодишен прием.

Во своето обраќање Иванов посочи дека 2011-та за Република Македонија беше година на јубилеи и успеси, а заврши со дипломатско-правен успех кој во очите на меѓународната заедница го потврди кредибилитетот на надворешната политика.

„Очекувам оваа 2012-та да биде година во која ќе се помести состојбата на статус-кво во однос на интеграциите на Република Македонија. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата е конечна и обврзувачка. Таа не може и не смее да се сведува на советодавно мислење, да се девалвира, бидејќи тоа би значело ослабнување и поткопување на самиот меѓународен поредок. Пресудата и Времената спогодба се шанса за нашиот сосед, за сите нас, за регионот“, истакна шефот на државата.

„Очекуваме“, додаде,„нашиот јужен сосед да ги напушти некоректните максималистички позиции, и наспроти досегашното однесување во процесот на претставување пред меѓународната јавност, да го поддржува нашето интеграње во евроатлантските структури“.

Griechenland Mazedonien Bildkombo Flaggen
Фотографија: AP/DW Fotomontage

Според претседателот Иванов, во 2012-та година Република Македонија ќе биде посветена на остварување на стратешките цели,членството во НАТО и ЕУ, развојот на билатералните односи со сите држави во светот, јакнењето на добрососедските односи, проактивност и иницијативност во регионалната соработка.

Приоритет-мултиетничко општетсво и економски реформи

На синоќешниот прием што се одржа во НУ Завод и Музеј-Битола во името на дипломатскиот кор се обрати словенечкиот амбасадор Ален Брајан Бергант, кој рече дека Република Македонија минатата година одбележа 70 години од НОБ, 20 години од независноста и 10 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

„Од големо значење за стабилноста на државата е да продолжи со развојот на мултиетничкото општество за еднакви граѓани со еднакви можности. Извештајот на ЕК е патоказ како да се продолжи со реформите особено во економијата, кои ќе придонесат за нови инвестиции, вработувања и подобрување на животниот стандард на сите граѓани“, напомена амбасадорот Бергант.

Автор: ЖА/миа

Редактор: Александра Трајковска