Иванов води во првиот круг претседателски избори
13 април 2014Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов има предност од повеќе од 120.000 гласови пред кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, соопшти ВМРО-ДПМНЕ според обработените податоци до 22.00 часот. До конечното пребројување на резултатите се очекува таа разлика да биде уште поголема.
Според податоците на партијата, од 88 отсто обработени податоци, 421.000 граѓани гласале за Ѓорге Иванов, а 302.828 за неговиот противкандидат Пендаровски.
„Овие бројки и тенденции гарантираат уште поуверлива победа. Победија ВМРО-ДПМНЕ и Ѓорге Иванов“, рече на вечерашната прес-конференција, доскорешниот пратеник на оваа партија Влатко Ѓорчев.
Според партиските податоци, Иванов остварил двојна предност во Велес, Штип, Свети Николе, Гази Баба, Сопиште, Илинден, Кичево, Пробиштип, Петровец, Могила, а во големо водство е во Битола, Прилеп, Аеродром, Кратово, Кавадарци, Гостивар и Тетово. Во некои од овие општини веќе масовно се слави големото водство на Иванов. Ѓорчев им се заблагодари на сите граѓани на Република Македонија кои во фер и демократска атмосфера ја донеле одлуката за тоа на кого ќе му ја дадат својата доверба.
„Очекуваме дека оваа разлика ќе биде уште поголема во вториот круг од изборите“, порача тој.
Според податоците на ДИК над 30.000 гласови освоиле претседателските кандидати Илијаз Халими и Зоран Поповски. Огромен и бројот на неважечките ливчиња – досега биле избројани над 19.000, но оваа бројка не е конечна.
Пребројувањето на резултатите во ДИК се одвива побавно, но веќе е извесно: Поповски и Халими ја завршија трката, Иванов и Пендаровски битката ќе ја продолжат во вториот круг, во ист ден со одржувањето на парламентарните избори.