1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Црквата против крвната одмазда во Албанија

Ангелина Вербица/Борис Георгиевски12 октомври 2012

Повеќе од пет илјади во последните 20 години беа жртви на крвна одмазда во Албанија. По падот на комунизмот оваа традиција повторно заживеа, а државата е немоќна да ја спречи. Католичката црква се обидува да помогне.

https://p.dw.com/p/16NwD
Фотографија: AP

Марија Чуку не го дочека својот 18. роденден. Девојчето од северно-албанското село Кир беше убиено заедно со нејзиниот дедо, додека заедно работеа на семејната нива. Убиецот не жали за убиството затоа што во него гледа легитимна одмазда. На овој начин тој смета дека го осветил својот клан и ја вратил честа на семејството.

По убиството од 20. јуни годинава, стотици млади луѓе протестираа во главниот град на Албанија, Тирана против крвната одмазда во земјата. Крвната одмазда е дел од Канонот на Лека Дукаѓини кој е широко распространет на северот на Албанија, а низ вековите се пренесувал орално. Канонот е еднакво распространет како кај муслиманите, така и кај католиците во регионот.

Во времето на комунизмот Канонот, а со него и крвната одмазда беа строго забранети и казнувани. Но тоа не и означи крај на оваа крвава традиција, а по политичките промени таа се врати на „голема врата“. Од името на „крвта и честа“ се убиваат мали деца и девојчиња како Марија Чуку.

Католичката црква против Канонот

Католичката црква ја осудуваше одмаздата во проповедите веќе долго време, но смртта на младото девојче доведе до поостра реакција. На 18. септември Католичката црква во Албанија издаде декрет во кој се наведува дека секој католик ќе биде екскомунициран од црквата доколку изврши крвна одмазда.

Albanien Blutrache Proteste der Jugend Archivbild
Протести во Тирана против убиството на Марија ЧукуФотографија: picture-alliance/dpa

Папата Бенедикт 16. и премиерот Сали Бериша ја поздравија одлуката.

„Крвната одмазда е самоуништување на народот“, вели за ДВ бискупот Лусијан Августини. Тој ги моли Албанците „од името на Бога да престанат со братоубиствата“.

Притоа, Канонот денес повеќе не се ни почитува затоа што во него е строго забрането да се напаѓаат жени и деца, вели бискупот. Според старата традиција, цел на одмазда треба да биде само сторителот на злосторството, а не и неговите роднини. Бидејќи луѓето не го познаваат добро Канонот, „тие си го толкуваат по свое и предизвикуваат ужасни трагедии и злосторства“.

Корумпирано правосудство

За убиствата од крвна одмазда виновно е и корумпираното албанско правосудство, вели бискупот Августини. По падот на комунизмот, и нерешените имотни прашања предизвикаа многу конфликти. Многу често конфликтите околу земјиште или имот завршуваат со убиства, вели полицискиот директор во градот Скадар, Резар Велмиши во разговор за ДВ.

„И покрај судските пресуди многу луѓе наоѓаат за исправно да ја бранат својата чест во согласност со нивната етика или локална традиција“, вели Велмиши. Па така, често се случува на местото на злосторникот кој седи в затвор да биде убиен некој негов роднина.

„Најголемиот дел од оние кои убиваат од име на Канонот немаат поим што тој всушност значи“, вели Велмиши.

Albanien Blutrache
Посредници разговараат со локално население во северна АлбанијаФотографија: AP

Сепак, според статистиката на албанската полиција, бројот на убиства поради крвна одмазда се намалува. Пред десет години, една третина од вкупниот број убиства во земјата и се припишуваа на оваа брутална традиција, денес тој број изнесува околу 10 проценти.

Она што особено ги загрижува познавачите е состојбата на младите луѓе кои се соочуваат со одмазда. Посебно трагична е судбината на многу деца и млади луѓе, кои не смеат да ги напуштат своите домови, затоа што надвор ги очекува сигурна смрт. Според Канонот, тие се сигурни единствено во внатрешноста на своите домови. Затоа многу деца буквално го минуваат целото детство во целосна изолација, без можност да посетуваат ниту училиште.

Безбедни само меѓу „четири ѕида“

Проблемите на овие деца многу добро ги познава католичката сестра Кристина Фербер. Веќе 13 години таа им помага на децата во северна Албанија кои се погодени од традицијата на крвна одмазда. Во манастирот во близина на Скадар таа раководи со центар за деца и млади во кој се среќаваат жртвите на крвната одмазда.

Albanien - Ordenschwester Christina Färber
Католичката сестра Кристина ФерберФотографија: Rolf Bauerdick

„Ги пренесуваме дотаму со автомобил, за да не им се случи нешто“, вели Фербер.

Традицијата на крвно сродство за многу Албанци, без разлика дали се христијани или муслимани, е втора религија.
„Секое дете знае уште од раѓање дека мора да пролее крв за своето семејство, доколку е тоа потребно, но и да пролее туѓа крв, односно да стане одмаздник. Сестра Кристина вели дека познава четиригодишни деца кои без двоумење изјавуваат оти „кога ќе пораснат ќе ја осветат крвта на нивниот татко“.

Државата досега не успеа да ги спречи убиствата предизвикани од крвна одмазда. Во Католичката црква се надеваат дека ќе успеат нешто да променат, бидејќи за мнозинството од населението во северна Албанија католичката вера игра голема улога.