И по Ким - Ким
20 декември 2011Светот има еден диктатор помалку. Сепак, се чини дека наредниот е веќе подготвен да стапи на сцена. Бидејќи по Ким доаѓа - Ким. Она што беше вообичаено во кралските династии, тоа сега го гледаме во диктаторската земја, официјално наречена Демократска Народна Република Кореја. По основачот на државата Ким Ил Сунг, на чело на државата дојде неговиот син Ким Јонг Ил. По неговата смрт пак, на чело доаѓа внукот на државотворецот, Ким Јонг Ун. Ким и повторно Ким - станува збор за клан кој владее со Северна Кореја повеќе од 60 години, без видлив успех.
Во економска смисла земјата е на колена и без меѓународна помош, пред се’ од Кина и од Русија, не може да преживее. 24 милиони луѓе во Северна Кореја се борат за голо преживување. Глад, лоши жетви, малаксана економија. Но единствениот адут кој Северна Кореја мисли дека го има е всушност атомската приграма. Ефектно средство за притисок со кој режимот мисли дека може да ги уценува САД.
Но факт е дека земјата меѓународно се повеќе се изолира самата себеси. Се чини дека и нејзината голема сестра - Кина зад кулисите е лута и оти врши притисок Пјонгјанг да ги продолжиу преговорите за атомската програма. Тоа на лидерот во Северна Кореја, кого еден германски весник го нарече „лудак со бомба“ не остави впечаток. Деспотот Ким Јонг Ил така и натаму владееше без скрупули. Додека неговото население гладуваше, тој како што се наведува, до последен здив уживаше во коњак и во најскапоцени вина.
Без надеж во нов почеток
Ким Јонг Ун, кој се’ уште нема ни 30 години, би требало сега да продолжи по стапките на својот татко. Ова момче се наоѓа пред големи предизвици во кои се вбројува и огромниот бирократски апарат. За неговиот стил на владеење и неговите политички ставови светот не знае многу. Не е дури ни познато во која година точно е роден. Сега да се негува надеж за нов почеток би било нереално.
Откако пред една година пристапи кон највисоките кругови на власта, Ким Јонг Ун постојано беше во сенка на својот татко и не можеше да ги докаже своите политички способности. Моќните генерали и членови на партијата кои од заднина ги влечат конците би можеле исто така да имаат интерес за статусот „моќен лидер“. Зад затворени врати со земјата владеат бројни малку познати центри на интерес. Ким, се’ едно дали Јонг Ил или Јонг Ун, е само едно име, еден официјален култ на личноста и лице на една зомби држава, на која во повеќе наврати и‘ е прогнозирана пропаст. Меѓутоа ,она што е прогласено за мртво, во овој случај, изгледа дека сепак живее.
Автор на коментарот: Хао Гуи
Превод: Симе Недевски
Редактор: Жана Ацеска