И медиумите во Израел водат војна
21 јули 2014Оној кој е против израелската воена офанзива во Појасот Газа тешко се пробива во израелските медиуми. По правило, може да каже само една реченица, а потоа го прекинуваат. Не само учесниците во телевизиските и радиски емисии, и тоа грубо, туку и водителите не толерираат поинакви мислења.
На пример, во телевизиско студио седат еден новинар и еден радиоводител, а меѓу нив Јехуда Шаул од „Прекинете го молкот“, организација на поранешни војници кои се против окупацијата. Тој за вечерта најавува демонстрација против воената офанзива и со тоа го предизвикува водителот на критика: „Ти си Евреин и би требало да се срамиш. Треба да облечеш униформа и да отидеш во Појасот Газа,а не да седиш во телевизиско студио и да организираш демонстрации“, му се развикува радио-модераторот Шарон Гал.
Напнати нерви - земја во воено расположение
Во емисијата го вклучуваат арапскиот пратеник во Кнесетот, Мухамад Баракех. И тој го навлекува врз себе гневот на радискиот новинарот.
„Вие сте еден лажго, еден злосторник и не би смееле воопшто да зборувате овде. Јавете се во телевизијата на Хамас. Вие го поддржувате Хамас“, обвинува Гал.
Ова е Израел деновиве. Целата држава е во воено расположение. Три телевизиски канали, еден државен и два приватни, емитуваат 24 часа на ден. „Државата под стрелба“, гласат подбуцнувачките најави.
Деновиве новинарот Гидеон Леви предизвика бранувања во јавноста. Тој во израелскиот весник „Хаарец“ напиша статија во која ги критикува израелските воени пилоти за акциите во Појасот Газа. Леви напиша: „Вие никогаш не видовте непријателски авион - последната воздушна битка на израелската авијација се случи пред вие да се родите. Никогаш не сте го погледнале вашиот непријател в очи, никогаш не сте ја виделе црвената крв на жртвите од близина. Вие сте херои кои се борат против слаби и беспомошни луѓе. Луѓе, кои немаат оружје, немаат противвоздушна одбрана, кои не смеат ни еден балон да пуштат во воздух“.
Валкање на „недопирливите“ херои
Статијата предизвика бран револт. Борбените пилоти во Израел имаат статус на недопирливи херои. Само најдобрите меѓу најдобрите, важи убедувањето, успеваат во напорното и долготрајно обучување за воени пилоти. Тие се елита во воената заедница на земјата. Статијата на Леви, напишана откако загина 21 член на семејството на полицискиот шеф како колатерална штета, се смета за „сквернавење на родното огниште“ и непростлив грев.
Новинарот оттогаш се обидува да го објасни својот став во ток-шоу програмите и во интервјуата.
„Најголемиот дел од Израелците за жал не е изложен на сликите од Газа и не гледа што се случува таму“, изјави тој на телевизија. Во последните денови смртта и разурнувањето се случија во стравични размери, а некој сноси одговорност за тоа, вели Леви и додава:
„Не се виновни единствено пилотите, но и тие се одговорни. Мора да се прашаме дали никој нема да понесе морална одговорност“.
Кога Леви ги изговори овие зборови, тој се наоѓаше во Ашкелон, еден од градовите кои деновиве посебно жестоко беа гранатирани со ракети од Појасот Газа. Тој беше вклучен во живо, а стоеше пред трговски центар. Но, Леви не можеше долго да зборува, го прекинаа околностите.
„Ти си предавник. Ти нашите пилоти ги нарекуваш убијци. Не ти е срам? Ти не смееш овде да зборуваш“, го прекинаа луѓето околу него.
Водителот во студиото мораше да го прекине разговорот, зашто се‘ поголем број лица се собираа околу Леви и го пцуеа. Леви потоа, повторно во „Хаарец“, напиша дека за малку ќе бил линчуван: „Најдобрите пријатели ми советуваа да ја напуштам земјата додека ситуацијата да се смири, да бидам претпазлив или барем да останам дома“.
Но, Леви не остана дома и не ја напушти земјата. Наместо тоа, тој повторно учествува во телевизиски дебати и се бори за својот став.
„Ве прашувам: постои ваков силен и единствен хор во медиумите, зошто ви пречи еден единствен глас? Зошто тој предизвикува толкава бура? Зошто?“