И Кина, Русија и Иран би требало да објават извештаи за тортурата
13 декември 2014ДВ: Заедно со стручњаците од ОН, Вие во отворено писмо минатиот месец апелиравте на САД да го објават извешајот за измачувањето. Дали сте задоволни поради тоа што тамошните власти го надминаа огромниот притисок тој извештај да се задржи во тајност?
Хуан Мендез: Повеќе би сакал во извештајот да се цензурирани помалку податоци. Истотака очекувам дека во иднина ќе биде објавен целиот извештај, не само дел. Знам дека не е лесно да се објават илјадници страници, но барем поради историјата, поради идните генерации би требало да се објават. Но и покрај се’ што реков, морам да кажам дека овој извештај е добар пример за тоа како би требало да се прават добри истраги за оваа навистина тешка тема. Тој е детален и ја опфаќа материјата од сите можни агли. Тоа е страшна слика, но Комитетот на Сенатот за разузнавачки служби заслужува признание за искреност за случувањата за кои не е лесно да се известува.
Која е најважната работа која сега ја дознавте од тој извештај?
Најважно е тоа што се потврдени нашите најголеми стравови, за тоа колку сериозно, сурово и штетно било мачењето за време на војната против тероризмот во првите години. Но, истотака извештајот покажува и колку имало негирања и интриги и лажење пред Конгресот и пред американската јавност. Истовремено, јас очекувам од сите да разберат дека ова е прв чекор и оти САД не ги исполнија сите свои обврски со тоа што го објавија извештајот. Бидејќи, според Конвенцијата на ОН против тортура, државата е должна и да поведе истрага, да ги гони и казни сите оние кои се одговорни.
Дали очекувате дека Америка ќе го стори тоа?
Не, но важно е да се инсистира на тоа. И не очекувам оти тоа ќе се случи во блиска иднина, но тоа не значи дека нема да се случи еден ден. И поради тоа мислам дека искуствата со други земји покажуваат оти она што денес не е можно да се предвиди може да стане можно во иднина. И важно е тие можности и понатаму да бидат отворени, за да може тоа да се случи.
Кина, Русија, Иран и други земји кои и сами имаат тешки и долготрајни проблеми со човековите права го искористија извештајот остро да го критикуваат Вашингтон. Дали сметате дека е тоа оправдано?
Можат да кажат што сакаат. И тие земји мора да ги исполнат своите обврски и ние од ОН ќе се трудиме тоа да се случи. Во сите тие држави има многу вистини кои допрва треба да се кажат, како, за жал, и во многу други земји. Во меѓувреме, секако, тие имаат право на свое мислење и правилно е што им се приклучија на некои многу демократски држави кои истотака се загрижени поради наодите во извештајот, додека во истовреме го фалеа фактот дека воопшто има извештај.
Дали би ги повикале Кина, Русија и Иран да објават свои извештаи за мачење и човекови права?
Секако. Ние на тоа ги повикуваме сите држави, дури и кога се случаите на злоупотреба застарени. Значи, сите држави би тербало да го сторат тоа дури и кога мачењето се случило пред повеќе децении. Во тој смисол, извештајот на бразилската Комисија за вистината за тоа што се случуваше за време на воената диктатура е многу добар пример кој заслужува пофалба исто како и извештајот на Комитетот на Сенатот за разузнувачки служби.
Хуан Мендез е специјален известувач на ОН за тортура и истакнат борец за човекови права во Северна и во Јужна Америка. Бил уапсен и мачен за време на воената диктатура во Аргентина.