1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто стравот од ебола е ирационално голем?

Петер Хиле / Елизабета М. Фиданоска21 октомври 2014

Опасноста од зараза со ебола, надвор од регионот на Западна Африка, е мала. Но стравот е огромен. Зошто?

https://p.dw.com/p/1DZ5M
Фотографија: picture-alliance/dpa/Federico Gambarini

На овие прашања сега не мора да одговорите: Колку е 16 по 37? А колку е 2 по 2? Првото прашање веројатно без проблем го прескокнавте, но на второто гарантирано одговоривте во себе. Зошто? Решението на „2 по 2“ го имате веднаш на располагање во главата. Првата задача меѓутоа е толку комплексна, што за да ја решите треба свесно да донесете одлука за решавање.

„Луѓето радо се мрзеливи што се однесува до размислувањето и сакаат се‘ да функционира автоматски“, вели Ева Лермер, психолог на универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен. „Кога сме соочени со проблем или комплексен настан, тогаш одеднаш мораме да преминеме од интуитивниот во рационалниот систем и да се напрегнеме. Тоа не ни се допаѓа“, вели Лермер.

Ваквата човечка мрзеливост има влијание врз тоа како ги проценуваме ризиците. Зашто, во интуицијата, во сферата на чувствата, опасностите лесно се потценуваат или преценуваат. Притоа, не се соочуваме длабоко со информациите кои ни овозможуваат рационално размислување и оценка. Така може да се објасни и стравот од ебола во Германија. Според истражувањата, шестмина од десет Германци се плашат од ебола, болест од која досега во Германија не се заразил никој.

„Ако за тоа размислиме рационално, тогаш ќе дојдеме до заклучок дека ризикот од заразување во Германија е многу мала во моментов“, нагласува Лернер, која истражува во сферата проценка на ризици. „Но ние радо остануваме во нашиот интуитивен систем и така настануваат грешки.“

Парадокси

Зошто правиме грешка токму кај еболата? Зошто ја преценуваме опасноста од зараза надвор од трите најпогодени земји - Сиера Леоне, Гвинеја и Либерија? Ортвин Рен, професор по социологија на универзитетот во Штутгарт кој се занимава со темата „Парадоксот на ризиците“, вели: „Ние брзо ги преценуваме болестите кај кои стапката на смртност е многу висока во однос на стапката на оздравување. Годишно, од последици од нормален грип во Германија умираат меѓу 10.000 и 12.000 луѓе, но тоа се само околу 0,5% од вкупниот број болни луѓе во државата. Најголемиот дел од луѓето знаат дека ќе оздрават ако имаат грип.“

Затоа луѓето не се многу загрижени дека може да се заразат од грип. Кај еболата, меѓутоа, стапката на смртност е околу 70%. Тоа предизвикува страв. Ако го вклучиме нашиот „рационален систем“ и погледнеме повеќе во статистичките податоци, тогаш ќе мора повеќе да се грижиме за факторите кои навистина се важни - две од три лица кои починале предвреме, животот го загубиле поради овие вистински „народни убијци - пушење, премногу алкохол, неодмерена исхрана и недоволно движење“, вели Рен.

Symbolbild - Ebola Virus
Стравот од вирусот на ебола е големФотографија: picture-alliance/dpa

Грешка во системот

Втора причина за преценување на ризиците од еболата се медиумите. Речиси нема издание на вести кое не почнува со оваа тема. „Сеедно што се известува - колку повеќе се известува, толку поголема е веројатноста луѓето да проценуваат дека и самите се во опасност.“ Парадоксалното притоа е што дури и извештаи за тоа дека опасноста од зараза надвор од Западна Африка е многу мала - можеби и овој текст - кај повеќето луѓе го зголемуваат стравот од ебола.

Оваа грешка има систем - медиумите известуваат за непредвидливото, за ретките работи, а не за она што постојано се случува и со тоа кај многу луѓе предизвикуваат погрешна проценка за ризиците и опасностите. Во известувањето за еболата, меѓутоа, покрај квантитетот, има уште и проблем со недоволниот квалитет на известувањето.

Се чини „ебола-хајпот“ ги има зафатено најмногу американските медиуми. Тие за еболата известуваат како да е повеќе од вирус, како да е злокобна, променлива и брутална како терористичка група. Мајлс О‘Брајен, репортер кој се занимава со теми од наука во американскиот јавен сервис ПБС, оценува дека ваквиот начин на известување е неодговорен. Според него, колегите „треба да си ја завршат домашната задача и да известуваат разумно“. „За жал, во медиумската сфера има голема конкуренција и некои сметаат дека со напумпани опасности ќе добијат поголемо внимание. Се срамам поради овие колеги“, најгласува Мајлс О‘Брајен.

Isolierstation Uniklinik Hamburg-Eppendorf (UKE)
Фотографија: Universitätsklinikum Hamburg-Eppendorf/Bertram Solcher

Опуштеност

Стравот се шири побрзо од самиот вирус, оценува Александер Кекуле, виролог на универзитетот „Мартин Лутер“, Хале-Витенберг. Тој е еден од луѓето кои се напрегаат да најдат задоволителен одговор на прашањето - колку е 16 по 37? Кекуле за телевизијата ЗДФ рече дека е можно и во Германија да дојде до извесен број заразени, но „не познаваме ниту еден случај при кој ебола се пренесла со едноставно седење покрај некого или слично“. Досега документираните случаи говорат дека еболата се пренесла преку непосреден телесен контакт, на пример меѓу лекар и пациент. „Кај еболата нема ризик од ширење како грипот“, вели Кекуле. Веројатноста некој во Германија сега да се зарази од ебола е рамна на нула. Затоа Кекуле во третманот на проблемот препорачува повеќе смиреност и опуштеност.