1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто полицијата се судри со иселениците во Романија?

Дарко Јањевиќ
13 август 2018

Илјадници романски иселеници се вратија во сопствената земја за да бидат дел од големите антивладини протести во Букурешт. Реакцијата на властите беше брутална употреба на сила, која поттикна нови протести.

https://p.dw.com/p/3341s
Rumänien Verletzte bei Großkundgebung in Bukarest
Фотографија: DW/C. Stefanescu

Околу 100.000 луѓе во петокот се собраа пред седиштето на романската влада во Букурешт на протест против владината корупција и со барање за предвремени избори. Многу од нив беа романски иселеници кои живеат и работат во странство. Лути на левичарската Социјалдемократска партија (ПСД) и нивниот лидер Ливиу Драгнеа, иселениците сами се организираа преку социјалните мрежи и допатуваа во татковината за да учествуваат на протестите.

Мала група демонстранти се обидоа насилно да влезат во владината зграда и се судрија со полицијата. Безбедносните сили одговорија со прекумерна употреба на сила, со солзавец и водени топови. Повеќе од 450 луѓе се повредени, меѓу кои и дописникот на ДВ кој беше претепан од полицијата. Повредени се и неколку полицајци. Бруталната реакција на полицијата предизвика уште еден, помал протест во Букурешт во саботата, а протести имаше и во неколку други градови низ Романија.

Зошто исселениците и се лути на владата?

Романците кои живеат во странство протестираат против ПСД и лидерот Драгнеа, обвинувајќи го за корупција и манипулација на законите со цел да си ги реши сопствените правни проблеми. 55-годишниот Драгнеа важи за еден од најмоќните политичари во земјата. Сепак тој не седна на премиерската фотелја поради обвинувања за изборна измама поради што беше мораше да се задоволи со спикерското место во парламентот. Во јуни годинава беше осуден на три и пол години затвор за злоупотреба на функцијата, но казната уште не е правосилна.

Судири на полицијата и демонстрантите во Романија

ПСД и Драгнеа дојдоа на власт по победата на изборите во декември 2016 година. Од тогаш и извршната и законодавната власт се обидуваат да протуркаат законски мерки со кои треба да се овозможи олеснување на казните за злоупотреба на моќ и корупција. Најпознатата јавна обвинителка Лаура Кодрута Ковеси, која беше на чело на Специјалното јавно обвинителство за борба против корупција, доби отказ во јули годинава откако нејзиното обвинителство покрена истрага против тројца министри, неколку пратеници и стотици пониско рангирани државни службеници за корупција.

Што ги натера исселениците да дојдат дома на протест?

Многу голем број Романци живеат надвор од границите на 20 милионската држава, која стана членка на ЕУ во 2007 година. Според податоците на ОН, 3.4 милиони се иселиле во периодот од 2007 до 2015 година. Парите кои ги испраќаат дома играат клучна улога во оддржување на осиромашената економија. Како и да е, членовите на ПСД и нивните поддржувачи им се лути емигрантите поради нивните протести против владејачката партија и големиот број на анти-ПСД протестите низ Западна Европа. Неодамна, партиски претставници на ПСД ги окарактеризираа иселениците како „крадци, питачи и проститутки", и платеници на Џорџ Сорос кои работат на дестабилизација на Романија. Нападите предизвикаа гневни реакции меѓу иселениците. Дописникот на АРД, Срѓан Говедарица сподели видео клип од петочните протести на неговиот твитер профил, опишувајќи како неколку пати беше употребен солзавец и како демонстрантите беа протерани од плоштадот во повеќе наврати, но тие постојано се враќале.

Rumänien Protestkundgebung gegen die Regierung in Bukarest
Фотографија: Reuters/Inquam Photos/Octav Ganea

Што ќе следи?

Ситуацијата во Романија останува високо тензична, а таа дополнително се разгоре откако еден функционер на Фејсбук напиша дека демонстрантите „требало да бидат застрелани“ наместо прскани со водени топови. Како што пишува австрискиот „Стандард", исто така, пратеникот на ПСД, Каталин Радулеску, се закани дека ќе донесе „милион“ приврзеници на ПСД во Букурешт и ќе ги „прегазат" владините противници,

Романскиот претседател Клаус Јоханис во петокот ја критикуваше „бруталната интервенција на полицијата". Демонстрантите го поддржуваат Јоханис, етнички Германец, кој исто така освои скоро 90 отсто од гласовите на иселениците на изборите против фаворитот на ПСД во 2014 година. Јоханис се спротивставува на потезите на ПСД одбивајќи да потпише неколку законски иницијативи, но неговата моќ е ограничена.

Ливиу Драгнеа ги отфрли повиците да поднесе оставка по насилствата во саботата.
„Сакам да ги уверам сите Романци дека парламентот нема да дозволи никому да ја распушти демократијата, да ги суспендира индивидуалните права и слободи, да го промени исходот од изборите и да го наруши редот во романската држава преку насилство“, пишува во отвореното писмо.