1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Обвинителството не го повикува Груевски?

25 октомври 2017

Груевски да достави во ЈО докази за наводен поткуп или да одговара за манипулации, велат експерти по тврдењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека од СДСМ „фрлиле 20 милиони евра за поткуп на гласачи“.

https://p.dw.com/p/2mRxK
Mazedonien, Nikola Gruevski, Präsident der VMRO-DPMNE Partei
Фотографија: Petr Stojanovski

Или обвинувањата да се докажат пред надлежните институции или да се понесе одговорност за ширење манипулации кои ја поткопуваат довербата во изборниот процес. Ваков е ставот на правни експерти и на претставници на набљудувачки организации по бројните обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ и од нејзиниот лидер Никола Груевски - дека во Македонија се спроведуваат „африкански избори“ со голем број нерегуларности во кои се вклучени и институции, кои наместо да ги спречат - наводно, учествуваат во нив. Како што пренесуваат опозициски медиуми, синоќа во месноста Љубаш, Кавадаречко, Груевски изјавил дека од СДСМ „фрлиле 20 милиони евра за поткуп на гласачи“.

„Овие денови сме сведоци на психолошка војна. Втеруваат страв на сите страни. Заплашувања, притисоци, ќе бркаат од работа ако некој нема да гласа, субвенции нема да дадат, закани на сите страни затоа што на друг начин не знаат да победат. Не ги бива со работа и проекти, а ги бива за закани, притисоци и многу поткуп. Да ве прашам 'Кој им ги дал тие пари', за да има толкав поткуп каков што има сега во Македонија, како што немало никогаш, фрлени се 20 милиони евра во поткуп, тие пари не се нивни пари. Ни 10 % од тоа не се нивни пари. Кој има интерес да инвестира толку многу пари за овој криминалец и предавник да биде во Владата и да изгледа сега уште како победник на овие избори?“, обвинил Груевски, додавајќи: „Секој ден со име и со презиме дознаваме како потплаќаат гласови, информираме, но нема реакција!“

Кој води психолошка војна?

Дали и овие бројки се дел од споменатата „психолошка војна“? Одговорот треба да го даде Јавното обвинителство кое има „20 милиони причини“ да го повика Груевски да ги документира и докаже обвинувањата.

„Тоа може да се потврди или демантира само со докази пред институциите“, вели Џабир Дерала од граѓанската организација „Цивил“, која со акредитирани набљудувачи го следеше и овој изборен процес.

„Јавното обвинителство има специјално одделение за изборни нерегуларности. Ова се сериозни обвиненија и треба да се проверат по допрен глас, а тој што ги изнесува мора да приложи докази. Ако не приложи докази, треба да сноси одговорност“, вели Дерала.

Mazedonien - Wahlkampf: Führer der Oppositionspartei VMRO-DPMNE Nikola Gruevski
Груевски тврди дека се потплаќаат избирачи и дека нема реакција од надлежнитеФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Притоа потенцира дека во „Цивил“ до денес не стигнала ниту една пријава од ВМРО-ДПМНЕ за изборни нерегуларности. 

„Уште во текот на изборната кампања со писмо ги повикавме и ВМРО-ДПМНЕ и другите партии, секој случај на изборна нерегуларност да го пријават во нашата организација и им укажавме дека тоа ќе биде јавно објавено на нашата веб-страница. До денес од таа партија не добивме никаков никаков одговор, ниту пријава за изборна нерегуларност. Но, не застанавме таму. Јавно го објавивме документот кој лично Груевски го однел кај сите амбасадори на поединечни средби, со забелешки за изборни нерегуларности. И не само тоа. Од сите наши набљудувачи побаравме да обрнат внимание на сите тие наводи. Тие се веќе детално проворени на терен и наскоро ќе излеземе со детален извештај. Но, она што првично можам да го кажам, е дека голем дел од тие наводи се ставени во идно време („ќе има поткуп...“) и дека се без основа. Колку за илустрација, во еден случај се работи за навод дека од одредено лице се очекува дека ќе изврши изборен поткуп, а нашите набљудувачи на терен утврдија дека лице со таков идентитет воопшто не постои“, вели Дерала. 

Од Јавното обвинителство не се достапни за одговор дали ќе реагираат по допрен глас и дали ќе го повикаат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да ги докаже обвинувањата.

Црна кампања

Молкот на ЈО остава простор „војната“ со непроверени наводи да добие огромни димензии. На потег е и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, од која и медиумите бараат реакција за црната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, која во изборни спотови го злоупотреби и судскиот процес за петкратното убиство кај Смилковско езеро, а преку несоодветни компарации ги релативизира насилствата од 27-ми април годинава. Тој „тренд“ засега е во согласност со она што Груевски јавно го зборува во кампањата.

„Секој кој ќе помисли да ја штити државата, како што беше на 27-ми април, секој кој снимал документарни филмови за македонската историја, за македонските херои или кој бил вклучен во градба на споменици на македонските херои кои ги дале животите за нашата слобода, треба да се плаши дали ќе биде наместен или притиснат или под било каков процес. Едноставно кажано, криминалците на слобода, а патриотите по затвори“, изјавува Груевски  на средбите со гласачите. 

Ваквите извртени тези не наидуваат на осуда во партијата. Од таму фокусот на критиката е насочен кон МВР и неколку други институции. 

Mazedonien Skopje Hauptquartier des Innenministeriums
МВР апелира до партиите да се воздржат од неосновани изјавиФотографија: DW/P. Stojanovski

„Нема општина која што влегла во вториот круг на гласање, а да не се следени активистите на ВМРО-ДПМНЕ, кандидатите за градоначалници, нивни соработници или претседатели на општински комитети. Институциите наместо да го спречат ваквиот притисок врз гласачите, Министерството за внатрешни работи, за труд и социјала, за земјоделие, и други агенции стануваат дел од притисокот врз гласачите“, изјави на прес-конференција Антонио Милошоски, член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, набројувајќи десетина општини во кои имало изборни притисоци, соодветни пријави, но и отсуство на реакција од надлежните.

Од МВР испратија демент во кој ваквите наводи ги оценија како неосновани, неаргументирани, апсурдни и неточни.

„Министерството за внатрешни работи е институција на сите граѓани на Република Македонија, и нејзиното функционирање, како и професионалниот однос кон работата на секој припадник на министерството се исклучиво во согласност со Уставот и законите за внатрешни работи и за полиција. МВР, како што и е познато на јавноста, реагираше и презеде мерки и активности не само за сите пријави во првиот изборен круг од локалните избори, туку истовремено со својот професионален и законски основан ангажман придонесе за одржување на мирни, слободни и демократски избори, според оценките на сите релеватни домашни и странски институции и организации. МВР апелира до партиите да се воздржат од секакви неосновани изјави, јасно ставајќи до знаење дека е целосно подготвена да им овозможи на сите граѓани слободно изразување на нивната политичка волја и во вториот круг од избирачкиот процес“, соопшти МВР.