Зошто на Македонија не ѝ се заканува граѓанска војна
29 април 2017Душан Рељиќ од германската фондација Наука и политика, анализирајќи ја напнатата политичка ситуација во Македонија, на прашањето од весникот „Стандард“, дали зад заземањето и безредијата во македонскиот Парламент во четвртокот стојат граѓаните или пак националистите- приврзеници на поранешниот премиер Никола Груевски, е дециден:
„На некој начин, и едното и другото. Но, во никој случај не станува збор за спонтани демонстрации или протести на невладини организации, туку за групи од опкружувањето на Груевски, кои командата за напад ја добиле од неговата партија ВМРО ДПМНЕ. Организаторски, политички и персонално, тие се дел од поранешната владејачка партија. За Груевски и неговите луѓе социјалдемократска влада е нешто неподносливо, зашто таа веднаш ќе подигне обвиненија кои него и соработниците ќе ги однесат во затвор. Докажано е дека тој дозволил нелегално прислушкување на илјадници Македонци. Само ако остане на власт, Груевски може да спречи одење во затвор,“ истакнува Рељиќ.
Тој понатаму образложува дека Груевски инсистира на нови избори, кои би ги добил со оглед на националистичката мобилизација вршена од минатата година. Тоа е причината зошто Социјалдемократите се решија на ризичната игра за избор на парламентарен претседател со мнозинство од 61 пратеник од вкупно 120, иако актуелниот претседавач седницата веќе ја прогласи за затворена. Инаку, натегањето би продолжило, што му е од помош на Груевски. Медиумите на Груевски и интелектуалците под негово влијание засилено го подбуцнуваат словенскиот дел од населението во насока на антиалбански национализам и ги претставуваат Албанците како сојузници на Албанците, вели Рељиќ.
Тоа што Социјалдемократите им дадоа поголеми отстапки на албанските партии и прифатија да се преговара околу воведување албански јазик на цела територија на Македонија, според Рељиќ се првенствено симболички работи, но сепак бауч за словенското население, кај кое многумина стравуваат дека Албанците ќе отцепат дел од земјата, истакнува Рељиќ.
Несомнено, во македонскиот конфликт улога играат етнонационалистичките и големоалбански тонови од страна на премиерите на Косово и на Албанија, смета Рељиќ:
„Тоа се случува во бранови и и претставува голем бел слон за кој никој радо не зборува. Кај Албанците во регионот отсекогаш постоел силен националистички стремеж... Но, албанските политичари секогаш ја извлекуваат оваа карта пред избори или кога сакаат да издејствуваат отстапки од страна на ЕУ. Сепак, некогаш тоа може да прерасне во неконтролираност“, оценува Рељиќ, но за прашањето дали на Македонија ѝ се заканува граѓанска војна, е категоричен:
„Не. Воопшто не гледам таква опасност. За граѓанска војна е потребно оружје, а тоа во Македонија е под контрола на владата. Второ, потребна е политичка желба, а неа не ја гледам кај Албанците, иако во 2001. и 2015. година имаше бунтовнички конфликти. Албанците добија недвосмислени сигнали од САД да бидат мирни. Нивната добивка е многу поголема ако станат силен партнер во македонската влада. Ни во странство никој не би поддржал граѓанска војна,“ вели Рељиќ за „Стандард“.