Зошто во Германија се води кавга за водата
7 август 2019Предупредувањето стигна преку мобилен телефон – алармирачката апликација НИНА на Сојузната служба за заштита на населението и помош при катастрофи, ББК, јави: нивото на резервите од вода за пиење е загрижувачко. Најзасегнат е регионот на Северна Рајна Вестфалија.
И неколку десетици километри на север сликата е слична. Некои од жителите на гратчето Лоне во Долна Саксонија се соочија со проблем – од чешмите, посебно навечер, речиси не тече вода. Двата примера покажуваат нешто на што Германија не е навикната: водатае ресур. И таа е исцрплива.
Во богатата со вода Германија, всушност незамисливо. Во 2013 година, според Сојузната служба за екологија, биле потрошени 25 милијарди кубни метри вода. Со тоа Германија искористила само 13 проценти од расположивата слатка вода. Но, оттогаш следеа ланското рекордно жешко лето, зима со малку врнежи и сушните денови оваа година, кои го погодија еден од водните извори – подземната вода.
Луц Нојбауер од Сојузот за заштита на природата на Долна Саксонија смета дека само во неговата покраина, нивото на подземната вода годишно се симнува за 1,5 до 2 сантиметри. Тоа значи помалку расположлива вода, додека истовремено сушните фази на горештина доведуваат до тоа речиси да не се собира нова вода.
Жештината меѓутоа предизвикува истовремено зголемена побарувачка. Тревата во градините се суши, секој копнее по разладување во базен. Сето тоа ги погодува снабдувачите со вода. Во Северна Рајна Вестфалија летово дури беа изрекувани и казни за граѓаните кои своите базени ги полнеа со пресна вода или ги миеја автомобилите.
Конкуренција од неочекуван правец
Во последните години се приклучува уште една група, која има сѐ поитна потреба од вода- земјоделците. „Настанува конкуренција за вода. Треба навремено да почнеме да размислуваме за ефикасна распределба“, вели Јерг Рехенберг, експерт за вода при Сојузната служба за екологија. Досега, вели тој, земјоделците немаа потреба од подземната вода. Дождот беше доволен за наводнување на полињата. Но, настанаа промени. Брановите горештина ги пеплосаа полињата. Земјоделците имаат потреба од вода од други извори. „Бројот на доставени барања на земјоделци за користење подземна вода е значително зголемен“, вели за својот регион Нојбауер од Сојузот за заштита на природата на Долна Саксонија.
Тоа се луѓе како Тобијас Гердесмајер, кој сега ги воочува првите ефекти од овој развој. Тој е градоначалник на градот каде во јуни снема вода – Лоне во Долна Саксонија. Но, вината не била во премалата количина подземна вода, туку старите цевки, кои не можат да ја поднесуваат количината на вода. Од септември треба да профункционира нов водовод, за сите граѓани да имаат вода во секое време од денот.
Собирање дождовница
Сепак, Гердесмајер не крие дека водата во градот е крупна тема: „Кај нас веќе постои конкуренција за вода, сосема сме свесни за оваа тематика.“ И тој веќе забележува зголемена побарувачка за подземна вода кај земјоделците. Истовремено, една голема кланица во регионот употребува огромни количини вода. „Потребни ни се иновативни концепти за ефикасно користење на водата“, вели Гердесмајер.
Притоа е важно да не се троши непотребно свежа вода. Досега најчесто водата од дождовите протекува без да биде собирана. Гратчето Лоне сака тоа да го промени. „Размислуваме при обилни дождови да ја собираме водата во контејнери под спортски терени за подоцнежно користење“, објаснува градоначалникот.
Потрошувачката на вода на рекордно ниво
Крајно, водата ја распределуваат водоснабдувачките претпријатија, како Олденбуршко-источнофризиското претпријатие за водоснабдување, кое лиферува вода до околу еден милион потрошувачи. Половината од нив се земјоделци или индустриски фирми.
Аксел Фрерихс, заменик директор, е свесен за ситуацијата- неговите 15 водоводи се наоѓаат во фаза на „растеж плус“, што значи, побарувачката за подземна вода е многу висока. Во средината на јули потрошувачката на вода достигнала степен кој не е забележан во 71-годишната историја на претпријатието. Фирмата апелирала до потрошувачите да бидат поштедливи и го намалила водниот притисок. Но, Фрерихс очекува дека ќе бидат потребни дополнителни мерки: „Во изминатите 50 години во регионов имавме корисници кои живееја во клима која денес владее во Тулуз. Мораме да ги надградиме водоводите за да можеме да обезбедиме повеќе вода.“
Во Германија уште нема недостиг од вода, во тоа се едногласни речиси сите експерти. Фактички, Германија не страда од т.н. воден стрес, што би значел растечки ризик за еколошки проблеми и економски тешкотии. „Не постои причина за паника или радикални мерки“, вели Рехенберг, „но, крајно време е да почнеме да применуваме концепти за во иднина да може да потече квалитетна вода кога ќе ги отвориме славините."
Од пред десет месеци, под раководство на Сојузното министерство за екологија, редовно се одржува „национален дијалог за вода“ со претставници на различни групи, како земјоделци и индустриски сојузи. До есента 2020 година треба да биде изработена долгорочна стратегија, која се чини исклучитилно итна и носи ветувачко име „Иднината на водата.“