1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Бугарите одат во Грција?

Јасен Бојаџиев / Елизабета М. Фиданоска18 септември 2014

Бугарскиот морски туризам има лоша сезона. Тоа главно се образлага со лошото време и меѓународната ситуација. Дел од причините, меѓутоа, се наоѓаат во него самиот.

https://p.dw.com/p/1DDt7
Фотографија: BGNES

И без да истечат последните денови од сезоната веќе се знае дека ова лето за бугарскиот морски туризам е најлошото од 2009 година. Се зборува за пад од околу 15% во однос на минатата година - и во делот на посетеноста со гости и во однос на приходите. При услови кога морското лето носи 70 процени од годишните приходи од туризмот, тоа очигледно значи дека годинава е неуспешна за туризмот воопшто, не само морскиот. А тоа значи и намалување на приходите од туризмот во буџетот.

Лош ксмет

Претставниците на туристичката индустрија најчесто лошата сезона ја објаснуваат со - лош ксмет. Виновни се лошото време и меѓународната ситуација. Навистина, дел од причините се нешто на што не може да се влијае - во текот на целото лето беше невообичаено врнежливо, а поплавите во земјата исто така беа причина за недоаѓање на туристите.

Тука е и меѓународната ситуација, односно конфликтот меѓу Украина и Русија. Поради тоа курсот на руската рубља во однос на еврото падна за над 20%, а на украинската гривна за над 40%. Тоа го поскапе престојот во Бугарија за туристите од овие две држави. Кога ќе се погледнат и другите ефекти од таа криза и масовните банкроти на руските туроператори, не е за чудење што од Русија годинава дошле 10% помалку туристи, а од Украина 20% помалку во однос на минатото лето.

Ефектот на тој одлив на туристи го засилува и самата туристичка бранша во Бугарија, зашто како што тврдат експертите во земјата, во последните години бугарскиот туризам работел засилено на привлекување руски туристи, при што заслабнале неговите позиции на западните пазари - германскиот и британскиот на пример. Сериозен одлив на туристи има и од други држави - во последните две години бројот на романски туристи е помал за 20 до 30 проценти.

Така се доаѓа до оние причини за лошата сезона кои не се прашање на ксмет, туку на предности и недостатоци на бугарската туристичка бранша во споредба со другите туристички земји.

Griechenland Tourismus
Чисто, убаво, мирно - на море во ГрцијаФотографија: picture-alliance/Rainer Hackenberg

Бугарите - столб на туризмот во северна Грција

Најиндикативни се загубите на бугарскиот туризам на неговиот најблизок и потенцијално „најлесен“ и најперспективен пазар - бугарскиот. Се‘ повеќе Бугари му вртат грб на бугарското море и претпочитаат да ги потрошат парите на друго место.

Најмногу се троши во Грција. Според податоците и прогнозите на Институтот за анализа на туризмот, до крајот на годината бројот на бугарски туристи во Грција ќе достигне пораст од цели 20% - од 970 илјади во 2013 година на 1 милион и 200 илјади годинава. Во тоа може лично да се увери секој кој ова лето бил на некоја од грчките плажи. Во Грција заминуваат не само луѓе од Софија, Пловдив или пограничните области со Грција, туку од цела Бугарија, вклучително и Варна и Бургас. Локалните жители во северна Грција велат туризмот таму во голема мера живее од бугарските туристи и ја преживеал кризата благодарение на нив.

Споредби при кои Бугарија е во незавидна позиција

Што ги привлекува туристите во Грција? Дел од причините, се разбира, се објективни и не зависат од бугарската туристичка индустрија. За некои Егејското Море е поблиску од Црното Море, таму сезоната е подолга, времето е постабилно, а морето - потопло и помирно.

Но има и многу други причини, кои, се чини, се поважни. Дури и ако цените во Грција притоа се малку повисоки. Морето е почисто, плажите исто така. Не те демнат на секој чекор за да ти ги земат парите - за паркинг, за чадор и лежалка... Храната, по правило, е подобра, исто како и услугата. Инфраструктурата е добра, царува спокојство и природна убавина.

Strand in Varna Bulgarien
Скапо задоволство - летување во Бугарија, каде на секој чекор се наплаќа се‘Фотографија: BGNES

Сето тоа се работи кои се спротивни на состојбата во многу места на бугарскиот црноморски брег - грди и бучни места, без канализација, валкани плажи, валкано море и лоша услуга. Проблеми кои не се од вчера и ќе продолжат да ги нервирата туристите и утре, кога времето можеби ќе биде поубаво, а меѓунардоната ситуација мирна.

Од друга страна, фактот дека се‘ повеќе Бугари имаат избор, може да влијае позитивно на бугарскиот туризам. Конкуренцијата би можела да ги принуди бугарските туристички работници да не се потпираат само на природата и креветите кои им се на располагање за туристите, туку и да ја подобрат услугата.