Лавина реакции за колежот на коњи: „ЗОО не е кланица“:
15 јули 2022Лавина реакции предизвика во јавноста информацијата дека биле заклани коњи во скопската Зоолошка градина, за да се нахранат лавовите. Полицијата најавува кривични пријави против шестмина, а на разговор во полициска станица бил повикан и директорот на Зоолошката градина во Скопје поради сомнеж дека колеле коњи, чие место потоа го давале на животните.
При извршена обиколка на Зоолошката градина тие биле затекнати во кујната како подготвуваат храна од 12 коњи и една мазга - ги колат на лице место за месото да го употребат како храна за дивите животни. На лице место излегле и инспектори од Агенцијата за храна и ветерина (АХВ), кои констатирале неправилности во постапката и го одзеле месото.
Во депото биле затекнати и две живи животни, а во фрижидерите во склоп на кланичниот објект најдени се мрши од закланите животни во вкупна количина од 1.286 килограми и 100 замрзнати пилиња. „Бидејќи месото од закланите копитари потекнува од неидентификувани и нерегистрирани животни со непознат здравствен статус, кои се заклани во неодобрен објект, Агенцијата за храна и ветеринарство издаде решение и нареди нештетно уништување на небезбедното месо на депонијата Дрисла“, информираат од АХВ.
Разрешување и одговорност
Град Скопје го разреши директорот на ЗОО Скопје и се оградија од овој случај. „Културна, образовна и научна се основните дејности на ЗОО Скопје, а нејзина основна цел е да ги чува, одгледува и презентира живите експонати и истите да ги направи достапни за пошироката јавност. Личната одлука преземена од страна на директорот не соодветствува со основните заложби за хумано чување и одгледување на животни и директорот мора да понесе одговорност, поради што се разрешува“, соопштија од Град Скопје.
Директорот на Зоолошката градина, Кристијан Стаменов, во изјава за медиумите вели дека добиле 16 коњи од Агенцијата за запленет имот, при акции за фаќање дрвокрадци и шверцери, но десет од нив биле многу болни и затоа било решено тие да бидат заклани. Од АХВ информираа дека животните биле отстапени на чување во скопската Зоолошка градина од страна на затворот „Идризово“.
Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов коментира дека во буџетот на Град Скопје за 2021 година, биле предвидени и исплатени околу 7.000.000 денари за функционирањето на Зоолошка. „Тоа се средства кои се исплаќаат за да може Зоолошка нормално да функционира и нормално да се врши набавка за храна за животните. Во буџетот за 2022 за Зоолошка се предвидени 2.500.000 денари. Дали за Зоолошка однапред било планирано да стане кланица?, прашува Шилегов реагирајќи на драстично намалениот буџет за Зоолошката од страна на Данела Арсовска.