Силен земјотрес во Грција
3 март 2021Земјотрес со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала ја погоди денеска централна и северна Грција. Илјадници луѓе избегаа на улица, јави грчката државна телевизија ЕРТ и порталите во погодените региони.
Според наводи на Институтот за геодинамика во Атина, епицентарот на земјотресот се наоѓал на околу 10 километри под површината на земјата, во регионот на местото Еласона, во близина на градот Лариса. Потресот се почувствува во цела Грција, како и околните земји.
Полицијата и противпожарните служби, како и локалните власти, се во потрага по повредени лица, а ги регистрираат и материјалните штети. „Земјотресот беше многу силен и траеше долго“, рече регионалниот гувернер Костас Агорастос за грчката телевизија.
Населението во Лариса е повикано да не се враќа во домовите, поради силните афтершокови по првиот потрес, од кои два имаа јачина од 5 степени.