Зелено светло за Хрватска
21 април 2004“Колегиумот на комесарите одлучи да му препорача на Советот дека преговорите со Хрватска за нејзино зачленување можат да започнат”, нагласи уште на почетокот од своето излагање пред Европскиот Парламент во Стразбур, еврокомесарот за надворешна политика Крис Патен.
Со позитивното мислење кое го даде Европската комисија за кандидатурата на Хрватска за членство во Европската Унија, по историското проширување кое ќе биде крунисано на 1-ви мај годинава. Со ова официјално се отвора и новиот процес на проширување кон земјите од така наречениот “Западен Балкан”,.
“Ова е историски момент за Хрватска”, нагласи Крис Патен на конференцијата за печатот. Хрватска очекува да ги започне преговорите најверојатно на крајот од годинава со новиот состав на Европската Комисија. Под услов, ако шефовите на државите и владите на дваестемината дадат зелено светло во јуни на европскиот самит во Брисел. Имено, Хрватска посакува да стане членка на Европската Унија на почетокот на 2007, истовремено со Бугарија и Романија.
Комисијата не предложи датум, бидејќи: “Важно е да се стави акцент врз недовршената работа, а не врз датумите”, рече Крис Патен. Со оглед дека останува уште многу работа за прилагодувањето на хрватското законодавство со европското или за заштитата на природната средина.
Патен им објасни на европратениците, дека по консултациите со обвинителката од Хашкиот суд, Карла дел Понте, добиле уверување дека Хрватска соработувала целосно со судот.
Еврокомесарот задолжен за проширувањето, Гинтер Верхојген од своја страна нагласи : “Според мене, најважниот политички елемент, денес е дека процесот на европската интеграција ја докажа својата улога на катализатор за политички и економски реформи во една земја, која се соочуваше со насилства и војна.
Министерот за надворешни работи на Хрватска, Миомир Жужул од своја страна и изрази благодарност на Комисијата и додаде: "Мислам дека вие денеска донесовте добра одлука и интимно сум убеден дека народот и владата на Хрватска ќе докажат дека вашата одлука беше исправна."
Таква добра одлука сега очекува и Македонија, која ја поднесе кандидатурата на 22 март. Бидејќи, “Европеизацијата на Балканот е единственото решение за да се решат проблемите на регионот” оценува францускиот шеф на дипломатијата Мишел Барние. Европската Унија е механизам на мир и напредок. А многумина добри познавачи на европските институции веќе предвидуваат дека земјите од Балканот ќе влезат во Унијата пред Турција.