Зелените најавуваат жестока изборна борба
10 јули 2005Зелените влегуваат во изборна борба решителни и со пркосен оптимизам. Тиа имаат намера да го зголемат актуелниот данок за богатите од 42 на 45%, а да ги намалат придонесите на плати на оние што заработуваат малку. Зголемување на данокот на додадена вредност, според зелените не е потребно, зашто би било штетно за конјуктурата и би било социјално неправедно.
Во случај да бидат дел од новата влада и по изборите, зелените имаат намера да се залагаат за една година бесплатни градинки, можност за згрижување на децата уште од нивната прва годиа и за бесплатно студирање на првиот факултет што ќе се одбере.
Денеска, зелените побараа и консеквентна борба против тероризмот, по нападите од Лондон, но предупредија и дека не треба да се кратат несразмерно слободите и правата на граѓаните. Шефицата на зелените, Клаудија Рот, рече дека зелените нема да даваат изборни ветувања и дека пред народот ќе се настапува искрено:
“Искрено – тоа не значи разубавување на фактите, но не значи и говорење полошо отколку што навистина е. Кон ваквиот биланс се вбројува констататцијата - унијата систематски прави блокада. Кон билансот се вбројува и тоа дека како коалиционен партнер на СПД доаѓавме до своите граници и се докажувавме како многу структурно-конзервативни. И тука се вбројува и тоа дека во својата работа правевме и грешки.“
И, кон ваквата искреност припаѓа и она што на сите зелени практично им е јасно: времето на црвено-зелената коалиција на сојузно ниво наскоро завршува. Никој на партискиот конгрес не говори веќе за црвено-зелен проект. Но, нема ниту други опции, иако Фишер во салата рече дека става се врз победа. Зелените се подготвуваат за опозиционите клупи.