„Зелената“ Олимпијада ја спонзорираат „црни“ загадувачи
30 јули 2012Настрана отстранувањето на спортисти поради провокативни пораки на Твитер и позитивни допинг тестови, или пак погрешното знаме со кои беа поздравени фудбалерките на Северна Кореја, вистинската контроверза која ги тресе Олимписките Игри во Лондон е проблемот со спонзорствата.
Големи корпорации како „МекДоналдс“, „Кока Кола“, „БП“ и „Рио Тинто“ беа избрани од Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) да го спонзорираат 17-дневниот спектакл. Но, одлуката меѓу спонзорите да се приклучи и компанијата „Дау Хемикал“ изненади многумина во Лондон, Индија и насекаде во светот, бидејќи истата фирма е поврзана со катастрофата во Бопал од 1984. година.
Катастрофата во Бопал
Илјадници Индијци ги загубија животите, а исто толку повредени откако од фабриката за пестициди во индискиот град истекоа отровни гасови во 1984. година. Тоа се‘ уште се смета за една од најголемите индустриски катастрофи на сите времиња. Областа околу Бопал никогаш не беше вистински деконтаминирана, а тамошното население се‘ уште ги чувствува последиците од хаваријата.
Американската компанија „Унион Карбајд“ која управуваше со фабриката во периодот на несреќата, ја продаде својата индиска филијала на „Дау Хемикал“ во 2001. година. Од „Дау Хемикал“ денес велат дека тие немаат ништо со несреќата, затоа што ја купиле фабриката 16 години по неа, но активистите за заштита на животната средина и човекови права не се согласуваат.
Михаел Готлоб од Амнести интернешнл за ДВ објаснува дека со купувањето на фабриката „Дау Хемикал“ ги наследила и обврските за катастрофата како и за обесштетување на жртвите од несреќата.
(Не толку) Зелени Игри
Во последниве 9 години, организаторите на Игрите во Лондон јавно се фалеа со својата подготвеност да ги почитуваат сите етички и еколошки обврски, пред, за време и по Игрите. Кога Британскиот олимписки комитет конкурираше за Игрите во 2003. година, планот беше претставен како „најзелениот“ воопшто.
Но, на крајот на 2011. објави тендер за изработка и купување на обвивка за Олимпискиот стадион. На тендерот победи „Дау Хемикал“. Во британската јавност избувна огромен скандал, а оставка поднесе и Мередит Александер, член на надзорното тело на ОИ, која не се согласуваше со доделувањето на тендерот на хемиската компанија.
И лондонскиот парламент усвои резолуција со која го повика ИОК да ја преразгледа одлуката, но попусто.
„Нашата главна грижа е ’Дау Хемикал’. Да имаме обвивка спонзорирана од Дау е голема грешка“, протестираше Дарен Џонсон, пратеник од редовите на Зелената партија.
Обвивката на „Дау Хемикал“, вредна околу 10 милиони долари, во меѓувреме го краси Олимпискиот стадион во Лондон, а активистите алармираат во иднина да се води повеќе сметка за тоа кој ги спонзорира Игрите.