1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зголемувањето на ДДВ погубно за граѓаните на БиХ

10 март 2012

Можното зголемување на стапката на ДДВ од 17 на 23 насто ги загрижи аналитичарите кои сметаат дека тоа би било погубно за економијата , но и за граѓаните на БиХ, кои први би се нашле на удар на поскапувањата.

https://p.dw.com/p/14GSS
Фотографија: Fotolia/StefanieB.

Аналитичарите во Босна и Херцеговина тврдат дека ниту многу поразвиени економии не би можеле да ги подмират потребите на огромниот административен апарат каков што е босанско-херцеговскиот. Според оценката на заменик министерот за финансии на БиХ, Фуад Касумовиќ, дефицитите во буџетите на сите нив достигнуваат речиси една милијарда конвертибилни марки. „Власта порадо се определува за задолжување, отколку за реформи со кои би ги покрила загубите“, вели Касумовиќ.

Можното зголемување на стапката на ДДВ го најави федералниот министер за финансии Анте Крајина. Иако тој не прецизираше во проценти, Касумовиќ вели дека властите размислуваат за зголемување од 17 на 23 насто. Зголемувањето на стапката на ДДВ би покренало лавина на поскапувања, која најмногу би ги погодила граѓаните на БиХ кои не ги уживаат привилегиите на административниот апарат.

Die Leute auf der Straße, Sarajevo, Bosnia und Herzegovina Foto: Samir Huseinovic, Sarajevo
Граѓаните на Сараево незадоволни од најавите за зголемување на ДДВФотографија: Samir Huseinovic

Загрижените граѓани најавуваат протести

„Тоа не би било добро и само би се зголемил бројот на сиромашни во БиХ“, вели жител на Сараево. Негова сограѓанка пак, е свесна дека зголемувањето на стапката на ДДВ би довело до масовно поскапување на производите. Таа тврди дека тоа би бил лош потег, посебно ако се знае дека 50 насто од платата граѓните на БиХ ја трошат за основни животни потреби“. Друг жител на Сараево пак, смета дека е време за протести.

Диркеторот на сараевскиот Институт за стратешки економски истражувања Антон Јекауц го нарече можното зголемување на ДДВ „гаснење пожар со керозин“.

„Тоа е начин на размислување на луѓе кои немаат никаква визија за излез од постоечката состојба и кои не се грижат за последиците за да ги остварат сопствените интереси“, вели Јекауц.

„Продолжување на промашената политика“

Економскиот аналитичар на Надворешно-трговската комора на БиХ, Игор Гавран смета дека зголемувањето на стапката на ДДВ би имало негативно влијание врз економскијата и стандардот на населението.

Verbraucher Bosnien
Поскапувањата ќе бидат големиФотографија: DW

„Тоа би било продолжение на промашената политика со која буџетските дефицити се покриваат со нови задолжувања или со нови оптоварувања на граѓаните и на економијата. Тоа, независно од рецесивните движења, би ја водело БиХ кон натамошно економско пропаѓање“, смета Гавран.

Претходната власт во БиХ не го послуша советот на ММФ - претходниот вишок од приходи од даноците да го намени за капитални вложувања (според некои проценки тој вишок во периодот меѓу 2005. и 2008. година изнесувал 2 милијарди конвертибилни марки). Парите, како што тврдат аналитичарите се потрошени за зголемување на платите, за регреси, возни паркови, како и за други трошоци на администрацијата и на властите.

Автор: Самир Хусеиновиќ / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска