131109 Kundus Guttenberg
13 ноември 2009Министерот за одбрана во новата влада на канцеларката Меркел одбра нова политичка формулација за состојбата во Авганистан. Веќе спроти заминувањето Карл Теодор цу Гутенберг изјави дека во Авганистан владеат состојби слични на војна. Во потврда на таквата проценка министерот Гутенберг патуваше во главниот град Кабул со оклопно возило и со заштитен елек. А денеска регионот на северниот дел на Авганистан, кадешто се стационирани германските војници кои ги посети министерот, го надлетуваше германско беспилотно летало за разузнавање. Со ваквата политичка формулација за ситуацијата, како и со постапките, новиот министер сака да им покаже на војниците во базата во Кундус дека има разбирање за нивната положба. Тие, пак, имаат свои очекувања од министерот:
„Очекувам од него да продолжи со јасниот став и формулациите и да преземе и соодветни мерки во таа насока, да ни‘ ја даде сигурноста што ни‘ е неопходна додека сме овде во мисијата во Авганистан“, вели еден германски војник во базата во Кундус. Неговиот колега од единицата додава:
„Политичарите имаат голема предност што се далеку од Авганистан, а ние сме изложени на опасност секој ден. Затоа го поздравуваме фактот што нашата состојба соодветно се нарекува!“
Прва конкретна мерка
Токму таквата безбедносна состојба во земјата е причината зошто министерот Гутенберг најави испраќање дополнителна единица во Кундус. Кусо пред полетувањето назад за Берлин, тој порача дека засилувањето од 120 војници ќе пристигне во Авганистан кон средината на јануари. Оваа единица ќе биде еден вид пожарникар на теренот, којшто ќе интервенира во ситуациите кога ќе дојде до борби со талибанските бунтовници.
„Има подрачја, како на пример во северниот дел на Авганистан, за коишто и ние носиме одговорност, во кои е можно наредната година да пренесеме дел од одговорноста врз авганистански сили. А во други делови сме соочени со големи безбедносни предизвици, како на пример во регионот на Кундус“, објасни министерот Гутенберг.
Што ќе стори Обама?
Покрај тоа, тој нагласи дека засега не треба да се менува мандатот што е ограничен на 4.500 германски војници. Тој, сепак, додаде дека многу работи ќе зависат од фактот дали американскиот претседател ќе се реши за испраќање дополнителни 40.000 војници во Авганистан. Иако Германија не може да држи чекор со светската супер сила на тој план, сепак министерот Гутенберг смета дека во тој случај ќе се зголеми притисокот на САД врз сојузниците и тие да дадат поголем придонес.
Автор: Каи Кистнер / Горан Чутаноски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска