1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заречени да победат

Јоша Вебер, превод: Симе Недевски13 јули 2014

Германските репрезентативци ја сакаат титула - и оваа реченица пред финалето на Мундијалот толку често ја повторуваа што сега не може никако поинаку. Тоа е ризично, но правилно, смета спортскиот новинар на ДВ Јоша Вебер.

https://p.dw.com/p/1Cc0C
Фотографија: picture-alliance/ATP

Томас Милер, Филип Лам и Мирослав Клозе веќе го направија тоа. Сaми Кедира и Мануел Нојер исто така. А, германскиот селектор? Се разбира и тој: сите тие рекоа дека сакаат победа и титулата прваци на светот. Сега, безусловно и со сета сила. Во Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) нема место за различни интерпретации. Титулата светски прваци по 24 години чекање повторно ќе и’ припадне на Германија. Целта е на дофат, но на патот до целта е противникот кој не може да биде пречка... или?

Секако дека може. На крајот сепак станува збор за Аргентина. Во нападот се Меси и Иугаин, а одбраната е силна како никогаш порано. Аргентина со својата тактичка дисциплина може да биде пречка за многу фалениот германски „Елф“. Да се врши притисок врз играчите и само да се зборува за титула е ризична игра. Тоа може да ја уништи досега направената голема работа.

Се’ е во игра

Колку почесто играчите, тренерот и одговорните зборуваат за титулата светски првак, толку повеќе кај навивачите се создава желба пехарот да го видат во рацете на капитенот Филип Лам. Меѓутоа, што ако Аргентина по Холандија на пенали ја победи и Германија? Разочарувањето би било големо, како во тимот, така и во Германија. Автоматски веднаш би биле поставувани многу прашања: несомнено успешен, но се’ уште без титула - Јоахим Лев; надарена, но се’ уште недовршена генерација на играчи; можеби добри, но не и перфектни рамковни услови за организиран фудбал во Германија. Се’ виси на острицата на ножот, поради една игра и едно големо ветување.

Brasilien Fußball WM DW-Reporter Joscha Weber
Спортскиот новинар на ДВ, Јоша ВеберФотографија: DW/P. Wozny

Германската репрезентација рече дека единствено ќе биде задоволна со пехарот. Мирослав Клозе дури рече дека нема да се радува на рекордот кој го постигна, ако тој рекорд не биде проследен и со победа на првенството. Барањата не можат да бидат поголеми. Меѓутоа, тоа е комуникативен танц на сечилото на жилетот.

Најдрагоцен квалитет: самодоверба

Сепак, не може да биде поинаку. Германската репрезентација себе мора да си постави толку висока цел и да продолжи со импресивната самодоверба. Самодовербата секогаш била најважен квалитет во натпреварувачките спортови, многу поголема од додавање топка или добра техника. Германската репрезентација смее и треба да верува во себе и не смее никому да му го отстапи чуството постигнато со тешка работа, а тоа е да може се’ да постигне и да го победи секого. Сега само победа доаѓа предвид.