1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Записи од мртвиот дом... или од подземјето

9 февруари 2019

Никола Груевски ја направи својата најголема погрешна калкулација откако беше „транспортиран“ во Унгарија – поради своето самољубие се обиде да ја поклопи церемонијата во Брисел, а всушност самиот се маргинализира.

https://p.dw.com/p/3D2rf
Belgien | Nato-Staaten unterzeichnen Beitrittsprotokoll mit der künftigen Republik Nordmazedonien
Македонскиот министер за надворешни работи Димитров и генералниот секретар на НАТО, Столтенберг на прес-конференција во Брисел (6.02.2019)Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Некогаш, кога некои работи на кои се надеваме ќе се случат по долго чекање, ги примаме повеќе како факт отколку вистински да им се израдуваме. Тоа е поврзано со чувството на пропуштениот или промашениот момент. Така е и со влегувањето во НАТО. Оние што се преправаат дека се неверни Томи или бараат „мак на конац“ тврдат дека печатот за влезот во алијансата не е уште ставен и формално се во право. Ратификацијата во националните парламенти на државите-членки на НАТО треба да биде финалниот круг на реално веќе завршената работа. Фактички, Македонија веќе влезе во НАТО – не затоа што нашите министри од идната недела ќе седат на истата маса со сојузниците на секој состанок (сепак, без право на глас), туку што фактите од историјата на алијансата се неумоливи. Сите земји кои го добиле пристапниот протокол завршиле како членки на НАТО. Без исклучок. Така што, ќе го почекаме уште формалното официјализирање, кое може да заврши во рекордно кусо време (затоа што најмногу им се брза на нашите нови сојузници) до самитот на НАТО во декември во Лондон.

Задоволството од успехот, тогаш, веројатно ќе биде помало отколку што е сега, но придобивките ќе бидат капитални. Граѓаните го загубија моментот на радоста во 2008 година во Букурешт. Но работата на политичарите е да бидат над нивото на разочарувањето и требаше да дојде нова генерација на лидерство и да се соочи со она што сите знаевме дека ќе дојде еден ден. Цената на тоа беше трауматична и се чини дека нема човек што не го сфаќа тоа. Но зрелоста на едно општество се покажува и според тоа како ги лечи раните и наоѓа начини како да изнајде некаков мал квантен скок кон успехот. Ова сега ќе биде клучот за иднината на Македонија (за некој ден Северна) и колку тоа побрзо го сфати поголемиот дел од општеството толку повеќе ќе може да гледаме кон хоризонтот, а не да бидеме обземени од неправдите. Тоа не е лесна задача, сега изгледа дури и невозможна, но шансата за нов почеток е тука.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Како што политичарите знаат да ги однесат општествата кон нови хоризонти, така знаае да ги доведат до граници кои што изгледале неверојатни, па дури и апсурдни. И тогаш ни членство во НАТО, ни во ЕУ, не можат да бидат гаранција. Затоа што желбата да се владее е поголема од сите други. Моќта е најсилниот адреналин и нејзините чудесни својства знаат да заблудат секого, па дури да ги однесат и до најфантастични ситуации. На 18 февруари Вишеградската четворка (земјите што требаше нам да ни бидат образец како се стигнува и напредува во ЕУ и НАТО) за прв пат ќе одржи свој самит во странска земја... и тоа во Ерусалим. Изгледа чудно и навистина е! Четворицата премиери ќе отидат кај Бенјамин Нетанјаху, израелскиот популистички десничар, за да му дадат помош пред изборите во Израел во април. Четирите земи (Полска, Словачка, Чешка и Унгарија) веќе подолго време се креатори на неволји во ЕУ, не само поради стриктното одбивање да прифатат мали квоти имигранти, туку и поради големата злоупотреба на владеењето на правото и ограничувањето на слободата на изразувањето. За време на самитот на четворката во Будимпешта во 2017 година унгарскиот премиер Виктор Орбан го покани Нетанјаху како специјален гостин. Нетанјаху се чувствува како да доаѓа кај близок роднина кога се среќава со Орбан, иако антисемтизмот е во голем пораст во Унгарија. Тогаш незгаснатиот микрофон ги фати овие зборови на Нетанјаху: „Ставот на ЕУ кон Изаел е луд. Европа мора да одлучи дали сака да живее и просперира или да исчезне“. Нетанјаху сака да го растресе заедничкиот став на ЕУ околу Палестина, Ерусалим и Иран со тоа што ќе ја привлече на своја страна важната четворка.

Демократијата тешко се освојува

Изгледаше дека демократијата е освоена во посткомунистичките земји, но Виктор Орбан и Јарослав Качињски покажаа дека тоа било заблуда. Или земете го романскиот случај. Авторитарната влада на чело со социјалдемократите лани успеа да ја тргне од функцијата прославената обвинителка која се бореше против корупцијата, Лаура Ковеси. Политичките елити не можеа да ѝ простат затоа што покрена илјадници истраги против министри, пратеници, судии, градоначалници и без оглед што беше славена како херој и во нејзината земја и насекаде во Европа, владата најде начин бескрупулозно да ја отстрани и тоа да го завери со одлука на Уставниот суд.

Rumänien Bukarest - Laura Codruta Kovesi der Antikorruptionsbehörde
Политичките елити не можеа да ѝ простат затоа што покрена илјадници истраги против министри, пратеници, судии, градоначалници: Лаура КовесиФотографија: Getty Images/AFP/D. Mihailescu

Класичните западни демократии не го забораваат нејзиниот придонес во тешката борба против корупцијата. Ковеси сега се наоѓа на првото место на кусата листа од тројца кандидати за избор на прв човек на новоформираното Европско јавно обвинителство. Зад неа се еден француски и еден германски кандидат. Европското обвинителство ќе ги координира националните законски институции со Европската полиција, агенциите Европол и Европравда, како и антикорупцискиот оддел ОЛАФ. Таа функција на Лаура Ковеси, ако биде избрана, ќе ѝ даде огромна моќ во Европа. Обвинителот ќе има моќ да ги координира полициските истраги, да замрзнува имоти и да апси сомнителни лица преку границите. Првото место на оваа куса листа ги избезуми оние што ја сменија во Романија. Романскиот министер за правда, Тудорел Тоадер, подготвува планови како да го поткопа нејзиниот избор. Тој најави дека ќе испрати писмо до неговите 27 колеги европски министри за правда за да ги објасни причините зошто Ковеси била сменета од националниот антикорупциски директорат. Оваа недела тој за романските медиуми изјави дека „ЕУ не е свесна за злоупотребите што ги направи Лаура Ковеси додека беше на чело на антикорупцискиот директорат“, па сега тој во писмо ќе ги објаснува тие „злоупотреби“ кои подразбирале гонење на корумпирани политичари, бизнисмени и банкари.

Јово Вангеловски не е министер, но има функција дури помоќна од министерската. Тој го впрегна Врховниот суд да донесе решение дека Специјалното јавно обвинителство вршело своевидни „злоупотреби“ кога преземало истраги надвор од законскиот рок од 18 месеци за покренување обвиненија. Има една во основа бесмислена теза која се повторува речиси без прекин - дека СЈО било формирано со политички договор на партиите и така било изгласано во Собранието. А како се донесуваа, на пример, другите закони за судството, за ОТА... Со неполитички договор? И нивното денсување е дел од политичката агенда на партиите. Нивните претставници се избрани во Собранието да носат закони. Тоа е нивната основна функција. Па и законот за СЈО беше дел од нивните обврски. Јово Вангеловски пред некој ден на Телма објаснуваше дека „врз основа на политички договор е донесен закон со кој се врши упад во системот... Нема никаква причина да чекаме автентично толкување на Собранието, бидејќи тоа не е негова редовна активност, ниту пак има обврска да го направи тоа. И судиите не треба да чекаат“.

Jovo Vangelovski
Јово Вангеловски има функција која е помоќна дури и од министерскатаФотографија: DW/K.Blazevska

Самиот Вангеловски е упад во системот, иако е легално избран. Тој како романскиот министер за правда, кој ќе им ја кажува вистината за Лаура Ковеси на своите европски колеги, сега им држи лекции на пратениците дека немало потреба да се занимваат со нивната работа, да толкуваат една одлука на Врховниот суд (а не Уставниот суд) со која треба да му се стави клуч на институцијата која ја формира токму Собранието. Оставете ја настрана неговата благоглаголивост – целата операција има една цел, исто како во Романија: политичарите и моќните бизнисмени никогаш да не одговараат за злоделата и корупцијата. Уште кога Судскиот совет неочекувано го избра за нов мандат се знаеше каква ќе биде неговата дијаболична улога. Токму поради ова и новата надеж со одлуката на НАТО, институциите мора веднаш да покажат дека сме го заслужиле потпишувањето на протоколот и ќе се свртиме кон правната држава. За уште на почетокот да не биде доцна.

Други колумни од авторот:

Македонските „бурбони“ и реставрацијата

За богатите... и даноците

Диплење на заблудите

Церемонијата во Брисел помогна „кралот во егзил“ во Будимпешта да почне да го добива соодветниот третман. Никола Груевски ја направи својата најголема погрешна калкулација откако беше „транспортиран“ во Унгарија. Во неговите записи од мртвиот дом... или од подземјето (работа на вкусот е кој од овие два романа на Достоевски повеќе ви се допаѓа) напишани во 600 редови, тој соопштува поуки до граѓанството во Македонија како да се организира против индоктринацијата. Како што „Записите од подземјето“ се ода на антрополошкиот песимизам, Груевски се труди да изгради една наполеонистичка слика за себе во очите на другите, обидувајќи се да покаже умствена надмоќ над оние што ги остави во Македонија, а во основа како и јунакот на Достоевски е здробен од својот неуспех, па дури и кукавичлук. А, сепак, самољубието не може да се скрие.

Груевски пишува дека „по оваа новонастаната ситуација, потребна е нова парадигма за името и идентитетот. Таа парадигма ќе биде основата на која по заминувањето на марионетската влада, новата влада и МНР ќе треба да направи нова доктрина“. Неговите зборови што ќе се случувало понатаму изгледаат како да се откинати од нотесите кога се создаваше „Скопје 2014“ и се трансформираше етничкиот код на Македонците. Груевски вели дека сега ќе се случувало ова: „Ќе има неверојатна и многу силна битка на пропаганди за менување на националната свест и начинот на размислување во однос на името, идентитетот и историјата на македонскиот народ. Не само на свеста на помладите и идните генерации преку учебниците и училиштата, туку и на повозрасните граѓани преку невидена досега и крајно суптилна, а можеби и брутална перманентна кампања, дебело платена пропаганда".

Mazedonien Nikola Gruevski Ex-Premierminister
Неговата „доктрина“ беше исфрлена на маргините на вестите: Никола ГруевскиФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Има и други работи во овие записи – дека била направена грешка што неговата партија ја прифатила стратегијата на бојкот, наместо да се победело со гласање „против“, што ќе донесело триумф; потоа историски приказни зошто ВМРО во Првата светска војна застанало на губитничката страна со Централните сили, па како владата на Бугарија која дојде со пучот во 1934 година решила да го растури и уништи ВМРО поради „надворешниот притисок“, а не поради тоа што вмровците 12 години правеа вистински колежи меѓу Македонците, убиваа министри и премиери; па како раководењето на ВМРО од страна Ванчо Михајлов „има многу контроверзности“ (види, види, тој што убиваше секого што ќе намислеше се сведува во графата на контроверзности) и уште други прозаични историски реминисценции. Сржта на овие записи е дека сега кога сме во НАТО и ќе бидеме еден ден во ЕУ ќе дојде време за ново востание со кое ќе се поврати загубеното од Преспанскиот договор. Речиси идентична порака на онаа што ја кажа неговиот наследник, Христијан Мицкоски, во интервјуто за Радио Слободна Европа.

Груевски помислил дека со тоа што ќе го темпира ова писание (очигледно долго подготвувано) со церемонијата во Брисел ќе може да го засени настанот. Но, заблудите почнуваат да се диплат една на друга. Неговата „доктрина“ беше исфрлена на маргините на вестите. Тоа е неверојатно лошо за неговото самољубие, но Македонија изгледа конечно се оттргнува од спектаклот на неговото бегство и станува резистентна на пораките на човекот од Будимпешта, кој очигледно не знае што да прави со неговото време таму. Тој забрзано се движи  кон онаа фаза ниту некој да му завидува, ниту да го сожалува, а најмалку да го глорифицира. Навистина, тоа е лошо за едно големо самољубие.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар