1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западниот Балкан ќе чека уште долго за ЕУ по приемот на Хрватска

10 октомври 2011

Со исклучок на Хрватска и Црна Гора, останатите земји од Западниот Балкан немаат многу надеж дека ќе добијат позитивни вести во годинешниот извештај за напредок на Европската Комисија, пишува агенцијата Франс Прес.

https://p.dw.com/p/12p39
Од екс-Југославија, досега само Словенија и Хрватска успеаја да го фатат патот кон ЕУФотографија: DW

Кога Европската Комисија ќе ги објави годишните извештаи за напредокот в среда (12.10), земјите од Западниот Балкан можат да се надеваат само на мали чекори напред, бидејќи станува се‘ појасно дека процесот на проширување ќе биде бавен.

Паралелно со ширењето на економската криза во Европа, паѓа и поддршката за ЕУ-интеграцијата во мнозинството земји од Западниот Балкан, иако мнозинството и натаму се согласни дека друга алтернатива нема.

Црна Гора и Србија ќе добијат добри вести в среда. Белград може да очекува кандидатски статус, но не и датум за преговори. Подгорица, која кандидатскиот статус го доби во декември минатата година, ќе добие и датум за почеток на преговорите.

Стап и морков за Србија

Србија ќе биде наградена поради апсењето на двајцата обвинети од Хашкиот трибунал, но надежите дека наградата ќе биде добивање датум за почеток на преговори, згаснаа по немирите на северот на Косово и одлуката да се забрани одржувањето на геј-парадата во Белград.

Symbolbild Kroatien Slowenien EU

Според извештаите до кои дошла агенцијата Франс Прес, од Србија ќе се бара да покаже „поконструктивен однос кон Косово“.

Македонија, која доби кандидатски статус во 2005 година, очекува да добие препорака за почеток на преговорите по трет пат едно по друго. Но, таквите надежи се блокирани од противењето на Грција поради спорот за името. Преговорите со посредство на ОН досега не донесоа резултати, и нема најави дека тоа набрзо ќе се промени.

Босна и Херцеговина и Албанија воопшто немаат илузии за напредок кон Унијата, поради застојот во реформите во обете земји. Лани, Европската комисија ја одби апликацијата за членство на Тирана. Неименуван дипломат на ЕУ за АФП оценува дека во Албанија „не постои култура на консензус и компромис“.

Косово и БиХ на дното

Босанските аналитичари и политичари очекуваат негативен извештај од Комисијата, имајќи предвид дека веќе втора година Сараево е без централна влада.

Symbolbild Ja zur EU
Фотографија: Fotolia/Becky Stares

Само една балканска територија е подалеку од ЕУ од БиХ, а тоа е Косово. Пет земји-членки на ЕУ не ја признаваат независноста на Приштина, па земјата не може да бара членство. Најмногу што може Косово да се надева е да добие безвизен режим.

Хрватска в среда ќе го добие последниот извештај од Комисијата, и се очекува кон средината на 2013 година да стане полноправна членка на ЕУ, како втора земја од екс-Југославија, по Словенија.

Но, по влезот на Хрватска, аналитичарите очекуваат дека ќе минат години пред некоја друга балканска земја да и’ се приклучи на Унијата.

Иван Вејвода, српски дипломат и аналитичар, кој работи за Германскиот Маршалов Фонд, вели дека дури и најмалите чекори напред се многу важни.

„Да се одржи динамиката кон ЕУ, дури и ако напредуваме за милиметри, е многу важно за оние кои ги туркаат реформите“, вели Вејвода.

Автор: Борис Георгиевски/афп

Редактор: Е. М. Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи