1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан не сака да биде последна станица за бегалците

Зоран Арбутина/Ж.А.5 март 2016

Државите долж Балканската бегалска рута досега само ги спроведуваа бегалците до конечното одредиште - Германија, Австрија, Шведска. Сега стравуваат дека и сами можат да станат крајна цел за бегалците.

https://p.dw.com/p/1I7k0
Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

Кога шефовите на држави и влади на ЕУ и Турција в понеделник ќе разговараат околу решанија за бегалската криза, тоа од галеријата внимателно ќе го следат и гостите од Западен Балкан: претставниците на Македонија и Србија. Зашто, се‘ што ќе се договори на самитот, па дури и само ќе се спомне, директно ќе се рефлектира врз ситуацијата на Балканската рута. Во разговор за Дојче веле околу заострувањето на пограничната политика на својата земја, српскиот комесар за бегалци Владимр Цуциќ ја отфрли одговорноста на својата земја: „Ве уверувам дека такви одлуки потекнуваат од целните земји - Германија, Австрија и Шведска.“ А македонскиот претседател Ѓорге Иванов објаснува: „Кога некоја земја северно од нас го отежнува преминувањето на својата граница, ние го правиме истото.“.

Griechenland Flüchtlinge an der Grenze zu Mazedonien bei Idomeni
Фотографија: Reuters/M. Djurica

На сигнал на Западот

Ваквото однесување на балканските држави не е ново. Така беше уште по самитот на ЕУ и Балкан во октомври 2015 година во Брисел. Тогаш се разговараше околу мерките за спречување хаос на Балканската рута. Само што учесниците на конференцијата се вратија дома, стигна електронска пошта од Словенија преку Хрватска до Србија и Македонија...Иако тоа не е утврдено во официјалните документи, решено е од Грција кон север да се пропуштаат само бегалците од Сирија, Ирак и Авганистан, пренесува Ксенија Миленковиќ, директорка на Канцеларијата за европски интеграции на Србија, ЕИО, додавајќи - пораката беше сериозно сфатена.

Кога во Германија започнаа дискусии дали треба на бегалците од Авганистан воопшто да им се признава статус на воени бегалци, земјите долж Балканската рута не се двоумеа долго: Авганистанците преку ноќ беа прогласени за економски бегалци и спречени да го продолжат патот. „Подготвени сме да им помогнеме во транзитот на сите луѓе кои целните земји сакаат да ги примат“, вели лаконски српскиот комесар на бегалци Цуциќ, миејќи ги невино рацете: „Уште одамна се зборува оти на Авганистанците веќе нема да им биде дозволено пропатување, тоа не беше наша одлука.“

Невообичаена хармонија

Ретко кога балканските земји манифестирале толкава слога и ретко кога нивните политички елити и народот биле толку согласни како околу прашањето со бегалците. Во Грција, Македонија, Србија, Хрватска и Словенија, се повторува како мантра: тоа не се однесува на нас! Бегалците сакаат единствено да го продолжат патот, а ние притоа нудиме логистичка помош. Во невообичаена хармонија, Скопје, Белград и Загреб порачуваат: „Ние сигурно нема да станеме ’жешки точки’“.

Лани летото, кога феноменот на бегалски бранови уште беше нов, а сликите од границите трепереа на телевизиските екрани, во државите од Западен Балкан се дискутираше околу геостратешките причини за бегството, или за „исламистичката опасност.“ Но, наскоро на сите им стана јасно дека бегалците не сакаат да останат во ниедна од балканските земји. „Се зборуваше: ние сме само транзитна држава, бегалците сакаат да продолжат кон Германија, за нив таа е ветената земја, ова не се однесува на нас“, така Анѓелко Милардовиќ од Институтот за миграција во Загреб го објаснува распложението во регионот. Бројките му даваат право: минатата година преку Балканската рута поминале преку 800.000 бегалци, но во Македонија се поднесени само 1.578 барања за азил, во Србија осум, во Хрватска, членка на ЕУ, само 211 молби за добивање статус на заштитено лице. Со месеци стотиците илјади луѓе беа единствено спроведувани од една до друга граница, до „земјите на прием“, како што на Балканската рута ги нарекуваат Австрија, Германија и Шведска.

Griechenland Mazedonien Flüchtlinge bei Idomeni
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Сега владее страв

Во меѓувреме, ситуацијата се промени: откако Австрија на почетокот на февруари најави решавање само на 80 молби за азил дневно и прием на само 37.500 бегалци годишно, во транзитните земји дојде до тревога. Ниедна од нив не сака да биде последна станица за бегалците. Македонија речиси целосно ја затвори границата кон Грција, додека во Хрватска сериозно се размислува за обезбедување на граничната линија со војска. Дури и во државите низ кои досега не течеа реките бегалци, во меѓувреме расте нервозата од настанување алтернативни рути. Така албанската министерка за интеграција Клајда Ѓоша предупредува од „голем број“ бегалци кои чекаат да бидат пуштени во Албанија, а бугарскиот премиер Бојко Борисов нареди одржување заеднички вежби на полицијата и војската во пограничните региони кон Грција и Македонија.

Владите на земјите долж Балканската рута напнато ги исчекуваат резултатите од самитот ЕУ - Турција. Сите очи се вперени кон Германија. „Германија е највлијателна држава во ЕУ и цел на мнозинството бегалци. Наместо да пресметува квоти и да се обидува да ги блокира бегалските рути, Германија сега има шанса да најде темелно и се‘опфатно решение на кризата“,вели младиот белградски социолог Дарио Хајриќ. Ако не успее, херметичкото затворање на Европа ќе продолжи, дополнува тој: „Ако Европа одлучи да ја следи Унгарија и да продолжи со градење ѕидови, ќе остане во лошо друштво: сама со сопствената ксенофобија.“