1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заеднички пазар на Србија и Хрватска?

24 ноември 2010

Српскиот претседател Борис Тадиќ е во посета на Хрватска. Покрај подобрување на политичката се работи и на подобрување на еконсомската соработка, но трговската размена со Хрватска и натаму е неповолна за Србија.

https://p.dw.com/p/QGqq
Фотографија: DW

Во Србија работат повеќе од 200 хрватски фирми, а во Хрватска се присутни само десетина представништва на српски фирми. Драгољуб Рајиќ од Унијата на работадавачите во Србија за Дојче веле вели дека српската влада не сторила многу за пласманот на српскиот капитал во Хрватска. „Со години односот се одвиваше во рамки на празна реторика и повеќе се препукувавме политички отколку што економски соработувавме.“

Рајиќ смета дека во последно време владата во Загреб и претседателот Иво Јосиповиќ се отворени за економска соработка, и дека посетата на претседателот Тадиќ е сигнал дека работите се подобруваат. Рајиќ се залага за некој вид заеднички пазар и додава дека српските и хрватските пазари се мали, и шансите да бидат конкурентни се многу поголеми доколку заедно пласираат големи количества стока на пазарот на ЕУ, но и во Русија со која Србија има договор за слободна трговија.

Драгољуб Рајиќ ги смета за паушални оценките дека српскиот капитал не е добредојден во Хрватска. „Проблемот е во тоа што никој сериозно не пробал, а никој не дал ниту сигнал дека капиталот е добредојден. Имаше само некои поединечни обиди, кои владата не ги следеше активно. Од друга страна има доста српска стока, која без оглед на се’, се продава во Хрватска“, вели Рајиќ.

Да се заврши со приказната со тајкуните

Ivo Josipovic und Boris Tadic in Kroatien
Иво Јосиповиќ и Борис ТадиќФотографија: AP

Експертот за инвестиции Махмут Бушатлија за Дојче веле, вели дека не е добар фактот што има значително поголем број на хрватски компании во Србија, отколку обратно. Тој се залага за значително зголемена регионална економска соработка. Бушатлија не верува дека постоела политичка одлука да се спречи влегувањето на српскиот капитал во Хрватска. „Веројатно постоеле некои дневнополитички бариери, но и таквите ги совладува економската логика. И нашите инвеститори се виновни што таму не се повеќе застапени во Хрватска. Единствено се сеќавам на ’Делта’ и обидите на ’МК групата’ да влезат на хрватскиот пазар, но тоа не се компании со кои радо би соработувала земја која е на прагот на влез во ЕУ. Тоа се луѓе кои ги следи имиџот на тајкуни и мислам дека би било најдобро во Србија конечно да се заврши приказната за таа тајкунизација. Тогаш на сите инвеститори ќе им биде полесно да излезат на други пазари“, оценува Бушатлија.

Стратешко партнерство

Драгољуб Рајиќ од Унијата на работодавачите смета дека инвестициите во регионот може да се зголемат, но проблемите со ликвидноста и со развојниот капитал ги имаат сите земји во југоисточна Европа. „Иднината на сите земји во регионот е да се отворат што повеќе фирми кои би биле стратешки партнери. Тоа значи дека фирмите од различните држави вложуваат одреден процент, и со тоа ќе направи обид спојувањето да го подигне нивото на стандардот“, сугерира Рајиќ.

Од друга страна, во овој момент Бушатлија не гледа начин како да се зголемат српските инвестиции во регионот. „Со инвестициите не стоиме добро ниту дома, така што не гледам каде би се нашол интересот да се инвестира надвор“.

Автор: Весна Рајковиќ/ Владимир Калински

Редактор: Александра Трајковска