Загриженост за набљудувачите на ОБСЕ
26 април 2014Во источноукраинскиот град Славјанск проруските сепаратисти сѐ уште ја држат во заложништво групата воени набљудувачи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, меѓу нив и Германци. Групата поседувала „сомнителен материјал“, изјави портпаролката на сепаратистите, Стела Хорошева. Набљудувачите, како што се вели, не се повредени.
Самоименуваниот градоначалник на Славјанск, Вјачеслав Пономарев, соопшти дека шесте меѓународни набљудувачи, еден преведувач, пет украински војници и возач, се под нивна контрола. Меѓу нив се наоѓа „шпион на владата во Киев“. Во возилото на групата биле пронајдени планови за поставеноста на уличните блокади. „Тие не се заложници, тие се воени заробеници“, изјави самоименуваниот градоначалник за весникот „Билд“.
Кризен штаб на германското МНР
Министерството за надворешни работи во Берлин формираше Кризен штаб. Портпаролка на Кризниот штаб соопшти дека се користат сите расположливи средства за да се разјаснат околностите за задржувањето на набљудувачите на ОБСЕ во областа Доњецк и да се овозможи продолжување на мисијата.
Досега Бундесверот меѓутоа не можеше да воспостави контакт со групата. Постојано се прават обиди да се воспостави контакт преку нивните мобилни телефони, но досега безуспешно, изјави портпарол на Министерството за одбрана во Берлин.
Исто така е неизвесно колку точно луѓе се држат во заложништво. Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен претходно говореше за 13-член тим инспектори на ОБСЕ. Во групата биле четворица Германци - тројца војници и преведувач.
ОБСЕ очекува дека наскоро ќе воспостави директен контакт со набљудувачите. „Се надеваме дека тоа в сабота ќе биде можно“, рече шефот на Центарот за кризна превенција на ОБСЕ Клаус Нојкирх за австриската телевизија ОРФ. ОБСЕ меѓутоа не бил партнер за преговори за проруските сили, бидејќи луѓето кои се задржани не биле членови на набљудувачката мисија на ОБСЕ, рече Нојкирх.
Мисијата била билатерална, под раководство на Центарот за верификација на Бундесверот, а на покана на украинската влада. Оттука преговорите ги води Германија, рече Нојкирх.
Германија имено ја предводи воената набљудувачка мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа. Таа нема никаква поврзаност со дипломатската мисија на ОБСЕ, која се одвива параелалено. Според наводите на ОБСЕ, на оваа мисија ѝ припаѓале претставници на пет земји. Покрај Германија, по еден воен набљудувач од Чешка, Данска, Полска и Шведска. Набљудувачите не биле вооружени.
Штајнмајер апелираше до Русија
Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер во разговор со неговиот руски колега Сергеј Лавров ја повика Русија да се заложи за ослободување на набљудувачите на ОБСЕ. Од кругови на министерот се вели дека во разговорот тој ја изразил неговата загриженост за случајот.
Русија во меѓувреме, според агенциајта Интерфакс, најави дека има намера да се заложи за ослободување на набљудувачите на ОБСЕ заробени во источна Украина. „На мислење сме дека овие луѓе треба да бидат ослободени колку што е можно побрзо“, изјави рускиот набљудувач на ОБСЕ Андреј Келин, а пренесува агенцијата. Како членка на ОБСЕ неговата земја, како што вели тој, ќе ги преземе сите неопходни чекори.